Екипата на Хапоел Тел Авив продолжува да ги тресе кошаркарските пазари со амбициозните планови на сопственикот Офер Јанај. Клубот веќе подготвува состав за највисоки дострели во Евролигата, а сега се појавија информации за два потези што би биле вистинска сензација.
Имено, Хапоел сака да го доведе легендарниот Денис Родман, но не како играч, туку како специјален тренер задолжен за работата со скокачите. Родман е во пензија повеќе од две децении, но неговото огромно искуство би можело да му биде од голема корист на тимот. Црвот се етаблираше во НБА како еден од најдобрите дефанзивци и скокачи на сите времиња, а во периодот од 1986 до 1998 година играше за Детроит, Сан Антонио и за Чикаго, освојувајќи пет шампионски прстени.

За оваа улога, Јанај наводно е подготвен да му понуди на Родман договор вреден 100.000 евра. Но, тоа не е единствената „бомба“ што се подготвува во Тел Авив. Тој е во напредни преговори со Расел Вестбрук и разговорите со него продолжуваат. Доколку дојде до договор, тоа би било едно од најголемите засилувања во европската кошарка во последните години. Вестбрук има 37 години и минатата сезона, во дресот на Сакраменто, имаше просек од околу 15 поени и седум асистенции на натпревар. Иако сè уште може да даде сериозен придонес, ова лето тешко наоѓа нов ангажман во НБА, што ја отвора можноста за негово прво европско искуство.
Хапоел веќе имаше исклучително амбициозен преоден рок, а евентуалното доаѓање на Вестбрук би било вистинскиот шлаг на тортата.

Американецот би пристигнал во Тел Авив со статус на поранешен НБА МВП, шампион и рекордер по бројот на трипл-дабл постигнувања во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот.
Ако се реализираат плановите на Офер Јанај, Хапоел би можел да има неверојатна комбинација: Денис Родман покрај теренот како тренер за скокови и Расел Вестбрук на теренот како голема ѕвезда. Тоа би било нешто што ретко се гледа во европската кошарка: клуб од Евролигата да ангажира две толку препознатливи имиња од НБА, едното како тренер, а другото како играч.
Офер Јанај, очигледно, нема намера да застане, а Хапоел Тел Авив сè повеќе личи на тим што сака да ја нападне европската кошаркарска елита со најголемите можни имиња.











