Кризата во Партизан прераснува во вистински колапс, а хаосот во белградскиот клуб би можел да биде голема можност за македонските ракометни гиганти Вардар и Еурофарм Пелистер. По заминувањето на претседателот Милјан Жугиќ, тренерот Раул Гонзалес и неколку ракометари, иднината на српскиот шампион е крајно неизвесна. Во меѓувреме, клубовите од нашата земја внимателно ја следат ситуацијата и се обидуваат да ја искористат можноста за ангажирање квалитетни засилувања.

Како што пишуваат поединечни портали, Вардар покажува интерес за Аљоша Дамјановиќ, ракометар кој може да игра на позициите лев и среден бек. Неговото име претходно му било понудено и на Загреб, но како сериозна опција за продолжување на кариерата се споменува и скопскиот клуб.

Дамјановиќ, оваа сезона, немаше голема минутажа под водство на Раул Гонзалес, па евентуалното заминување од Белград би можело да му отвори простор за поголема улога. Вардар, предводен од Иван Чупиќ, сака да го засили ростерот за предизвиците во домашното првенство и Европската лига на ЕХФ.

Уште поинтересна е ситуацијата околу Јоав Лумбросо. Израелскиот среден бек, кој беше еден од поважните играчи на Партизан, се поврзува со трансфер во Еурофарм Пелистер. Битолчани бараат дополнителен квалитет во тимот, а Лумбросо би можел да донесе креативност, брзина и нова енергија во организацијата на нападот. Сепак, за неговиот потпис се заинтересирани и неколку француски клубови, па Пелистер ќе има конкуренција.

Но, зад овие можни трансфери се крие многу поголема приказна. Партизан за само неколку дена остана без голем дел од клучните луѓе во клубот. По оставката на претседателот Милјан Жугиќ, престана да функционира и Управниот одбор, во кој беа Дане Шијан, Момчило Мандиќ и Зоран Анѓелковиќ. Потоа беше потврдено и заминувањето на тренерот Раул Гонзалес, кој си заминал додека клубот сè уште му должел пари.

Проблемите, според српските медиуми, не се појавиле преку ноќ. На вработените наводно им се должат плати за дури четири месеци, а финансиската состојба станала толку сериозна што биле откажани и сместувањето и услугите на рестораните кои претходно им обезбедувале оброци на ракометарите.

Првиот играч кој го напушти клубот беше Милош Кос, кој кариерата ќе ја продолжи во германски Вецлар. Дополнително, Тобијас Вагнер и Мигел Санчез-Мигаљон не се вратија по репрезентативната пауза, а според српски „Моцарт Спорт“, Партизан веќе нема да смета ниту на Лумбросо, Бекир Чордалија, Сергеј Иванов и Владислав Кулеш.

Од целата раководна структура, наводно, останале само спортскиот директор Иван Димитријевиќ и директорот на младинските категории Страхиња Милиќ. Нов тренер е Марко Павловиќ, но пред него претстои исклучително тешка задача – да состави конкурентен тим во услови на голема финансиска неизвесност.

Колку е сериозна ситуацијата говори и податокот дека Партизан првично планирал буџет од 2,5 милиони евра за оваа година, додека највисоката плата во клубот, според неофицијалните информации, достигнувала 14.000 евра месечно. Сега, наместо скапите засилувања, планот најверојатно ќе се сведе на домашни ракометари и вклучување на младинците Вања Радивојевиќ, Вукашин Бабиќ и Урош Гугољ во првиот тим.

Дополнителен проблем е и европската обврска. Иако настапот во Лигата на шампионите веќе не е реална опција, Партизан треба да игра во Лигата на Европа, а останува големо прашање со каков состав ќе го дочека тоа натпреварување.

Така, кризата на белградскиот клуб може да предизвика сериозни промени и на македонската ракометна сцена. Вардар и Еурофарм Пелистер се меѓу клубовите кои би можеле да профитираат од ситуацијата, но останува да се види дали интересот за Дамјановиќ и Лумбросо ќе се претвори во конкретни договори.

ИЗДВОЕНИ