Од надлежните има кој да советува, но нема кој да казнува? Посетители на киното „Синеплекс“, кои деновиве присуствувале на една од проекциите на јапонскиот филм „Годзила минус нула“, реагираат дека наместо македонски, ималo само англиски превод. Тие веднаш поднеле претставки до Министерството за култура и туризам, Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, Агенцијата за филм, како и до Државниот пазарен инспекторат, барајќи објаснување. Оттаму со одговор дека некој не е надлежен, некој бил, а сега не, а некој во иднина ќе биде надлежен. Останува впечатокот дека сите само декларативно се залагаме за примената и заштитата на македонскиот јазик

Јапонскиот филм „Годзила минус нула“, во режија на Такаши Јамазаки, кој деновиве беше на репертоарот на киното „Синеплекс“, се прикажуваше без македонски превод. Како што изјавија за весникот ВЕЧЕР, посетители на киното, кои присуствувале на една од проекциите, филмот наместо македонски имал само англиски превод.

– Бевме револтирани. Јас бев со сопругот и сo моето дете заради кое и дојдовме да го гледаме филмот. Кога излеговме од проекцијата, се пожаливме на пултот каде што се земаат билетите и реагиравме за преводот. Една од вработените не праша зарем не разбираме англиски јазик?, вели посетителката која истакна дека од киното им ги вратиле парите за купените билети.

Додава и дека на вработената ѝ рекле дека ќе поднесат претставки до Министерството за култура и туризам, до Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, до Агенцијата за филм, како и до Државниот пазарен инспекторат, а тоа и го направиле.

Како што истакнува посетителката, досега само од Агенцијата за филм им одговориле на претставката, посочувајќи им дека од оваа институција не вршат надзор за преводот на филмовите, но согласно со Законот за филмската дејност и Правилникот за евиденција на податоци за филмската дејност, имаат обврска да собираат податоци за субјектите што вршат филмска дејност, како дистрибутерите и киноприкажувачите. Во таа насока, од „Синеплекс“ до Агенцијата за филм, податоците од овој месец ќе бидат доставени најдоцна до 5 декември.

– Агенцијата за филм веќе стапи во контакт со киното, го извести за доставената претставка, и побара посебна информација за филмот, вклучително и за тоа кој е неговиот дистрибутер, од кој датум е вклучен во кинорепертоарот, како и бројот на реализирани проекции, завршно со 10 ноември. Во однос на Вашите наводи за евентуална повреда на член 42 од Законот за филмската дејност, истиот има и прекршочни одредби, но тие треба да бидат разгледани од надлежниот орган за вршење надзор над спроведувањето на Законот, а тоа е Министерството за култура (член 60 од ЗФД). Агенцијата за филм, во рамките на своите законски надлежности не е инспекциски орган и нема инспекциски овластувања за вршење контрола, е одговорот што посетителката го добила од Агенцијата за филм.

Нашиот медиум побара изјава од „Синеплекс“, од каде што ни потврдија дека филмот немал македонски превод бидејќи, како што рекоа, „ова бил специјален настан“. На прашањето, дали често се случува проекциите да немаат македонски превод, односно освен „Годзила“, дали ова се случило и другпат, од киното одговорија дека сите филмови, односно во 99,9 отсто, се пуштаат со македонски превод.

– Секако ги преведуваме сите филмови, со тоа што овој филм се третира како специјален настан и се дава лимитирано време, со лимитиран број на проекции, поради тоа има англиски превод, а ова го споменавме и на „Инстаграм“, „Фејсбук“ и на нашиот вебсајт, ни изјавија од киното.

Филмот беше на репертоарот на „Синеплекс“ од 3 до 11 ноември, а на нивната веб-страница, и насловот и содржината за филмот „Годзила минус нула“ се на англиски јазик.

Весникот ВЕЧЕР стапи во контакт и со Менка Андреева, директорка на Инспекторатот за македонски јазик, која истакна дека ваквата ситуација би била нивна надлежност во иднина, кога би имале инспектори што се лиценцирани. Инспекторатот треба да ја надгледува примената на Законот за употреба на македонскиот јазик во државните институции, органите на државната управа и во медиумите, а има задача и да опоменува и да казнува доколку не се применуваат одредбите од Законот.

– Нашиот одговор во моментов е дека сè уште не можеме да постапуваме, затоа што немаме лиценцирани инспектори. Обуката на инспекторите трае една година, и откако ќе положат и ќе се здобијат со лиценца, ќе можеме да постапиме на терен, вели Андреева, потврдувајќи дека оваа претставка стигнала и до нив.

Објаснува дека првиот инспектор, одбран преку конкурс, со обуката завршува некаде крајот на јуни, почетокот на јули, 2027, и тогаш во рок од три месеца има право да го пријави испитот и да го полага. Што значи дека инспекторите на терен би почнале да функционираат можеби на почетокот на 2028 година.

– Така е според закон, за жал. Не можеме ништо да направиме, вели Андреева.

На прашањето дали, во меѓувреме, Министерството за култура е надлежно за вакви ситуации, таа вели дека може да реагира и Советот за македонски јазик.

– Министерство за култура претходно имало ингеренции да реагира со интерниот инспекторат. Инспекторите вработени во одделението за инспекциски надзор во Министерството постапувале порано по Законот за македонски јазик. Меѓутоа, со донесувањето на новиот закон, нивните ингеренции престануваат, објаснува Андреева.

Прашана дали во овој меѓупериод, кога се престанати ингеренциите на интерниот инспекторат, а сè уште се чека обуката на новите инспектори, ниедна институција нема можност да реагира при вакви ситуации, Андреева истакна дека Советот за македонски јазик, кој административно е дел од Министерство за култура, добива вакви претставки и може да реагира советодавно, на пример, како во случајов до компанијата која се грижи за кинопроекциите.

– Со претседателката на Советот за македонски јазик, Веселинка Лаброска, разговаравме во однос на една претставка која е пристигната и кај нив и кај нас. Значи тие можат да реагираат како Совет, истакна Андреева.

Сега останува прашањето дали примената и заштитата на македонскиот јазик, а да не заборуваме, пак, за македонскиот стандарден јазик, останува на добрата волја на државните и приватни субјекти и дали во медиумите само ќе бележиме случаи на некој загрижен поединец или лингвист и единствено декларативни изјави на политичарите, без вистинската примена на Законот? (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ