Изложбата – инсталација „Пејзажни знаци 26” од Атанас Атанасоски е поставена во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, а публиката ќе има можност да ја проследи до 7 август.

– Идејата за реализација на мојот проект сe надоврзува на претходните изложби во кои основен материјал е дрвенеста вегетација. Се работи за трновити растенија кои, и по бербата, како сува материја ја задржуваат цврстата структура. Користењето и моделирањето со овој локален материјал има за цел да ја бара естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу природата и човекот. Нејзината применливост нуди можност за поблизок пристап кон уметничкото изразување кое поради зголемените еколошки проблеми станува се порелевантно и социјалното ангажирање, вели авторот Атанас Атанасоски од Прилеп.

Според него, ликовната изведба се фокусира на природните материјали како податни ресурси при обликувањето на структуралните површини со точно одредените визури.

– Како инспиративен момент за мене е пејзажниот знак, кој и претходно бил својствен мотив за мојот творечки сензибилитет. Ликовните фасцинации на вегетацијата карактеристична за нашето поднебје во овој проект нема само декоративна функција, туку ќе претставува конститутивен елемент за мојата ликовна интерпретација. Живееме со технологија која ни нуди информации на дневна основа за уметноста и за уметниците во целиот свет. Но како што поминува времето, а со тоа и искуството е побогато, мојата анализа и инспирацијата се насочени кон моето блиско опкружување, култура и традиција – додава Атанасоски.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

ИЗДВОЕНИ