По повод 63 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, сабајлево, делегација на Град Скопје и на Владата положија цвеќиња пред Споменикот на жртвите, оддавајќи им почит на загинатите во трагедијата од 26 јули 1963 година. По тој повод, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека Скопје, и по шест децении, се сеќава на жртвите од земјотресот што на 26 јули 1963 година, во 5:17 часот, однесе повеќе од илјада животи и зад себе остави разурнати домови и разделени семејства.
– За само неколку секунди беа згаснати повеќе од илјада човечки животи, разурнати домови и разделени семејства. Зад секоја бројка остана нечие дете, родител, сопруг, пријател, нечиј цел свет. Денес, со длабока почит, се поклонуваме пред споменот на жртвите. Нивната болка е вградена во темелите на нашиот град, а обврската да не ги заборавиме е вечна – истакна Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека по катастрофата, светот му подал рака на Скопје и помогнал во неговата обнова, поради што градот станал симбол на човечноста и светската солидарност.
– Денес, наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов кон секој негов дел. Да создадеме современо, безбедно и достоинствено Скопје, град што ќе го почитува своето минато, но храбро ќе ја гради својата иднина. Затоа што најголемата почит кон оние што ги загубивме е да создадеме град достоен за нивниот спомен и за генерациите што доаѓаат – истакна Ѓорѓиевски.
Тој заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, отворија спомен обележје во спомен на еден од луѓето кои учествувале во возобновување на Скопје, тоа е полјакот Адолф Циборовски за кој досега немаше физичко спомен-обележје или споменик посветен лично нему во Скопје, но неговото име и дело се трајно вградени во современата историја и урбанистичкиот развој на градот.
Во спомен на скопскиот земјотрес од 1963 година, вечерва ќе бидат отворени две изложби во Музејот на Град Скопје. На првата изложбата „63 години – Скопје ‘63“, автор е Зоја Богдановска, кустос советник и историчар. Поставката преку автентични фотографии и архивски материјали ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и напорите за спасување, ставајќи ги во фокус човечките приказни и емоции од денот што засекогаш го промени градот. Изложбата ќе стане дел од новата постојана поставка во музејот.
Веднаш потоа ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, составена од досега неприкажани фотографии на Васил Хаџиманов од погребните и тажачките обреди по земјотресот. Настанот беше проследен со промоција на дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ на Ана Мартиноска и Жарко Иванов.
Одбележувањето ќе заврши со концертот „Скопје, радост моја“, посветен на легендарните шлагери на Драган Мијалковски, пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк.












