Во 2025 година, во земјава била регистрирана интензивна градежна активност во станбеното градежништво, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Деловните субјекти во текот на годината изградиле вкупно 3.733 стана, со просечна корисна површина од 75,2 квадратни метри. Од нив, 3.677 стана се во индивидуална сопственост, што укажува на доминација на приватното домување во новата станбена изградба.
Најголем обем на градежна активност е забележан во Скопскиот Регион, кој и понатаму останува централна точка на урбан развој и станбена експанзија. Во истиот период биле изградени 1.852 објекти со вкупна станбена површина од 280.644 квадратни метри. Вредноста на извршените градежни работи од страна на деловните субјекти изнесувала 44,5 милијарди денари, што го потврдува значењето на секторот во вкупната економска активност.
Покрај тоа, индивидуалните сопственици реализирале градежни активности во вредност од 16,2 милијарди денари, при што се завршени 2.518 стана со вкупна површина од 320.404 квадратни метри. Од нив, 92 стана се наоѓаат во викенд-куќи, со вкупна површина од 11.114 квадратни метри.












