Неколку земји од Европската унија, според европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен, пуштаат на пазарот приближно 42,6 милиони барели нафта – од кои половината е дизел – земени од нивните стратешки резерви.
Овој потег е во согласност со обврската преземена во рамките на Г7, чија цел е ограничување на цените на бензинските пумпи.
„Државите членки на ЕУ ја потврдија својата заложба во текот на наредните месеци итно да стават на располагање 42,6 милиони барели од своите стратешки резерви, при што околу половина од таа количина отпаѓа на дизел“, изјави Јоргенсен по состанокот на министрите за енергетика на ЕУ во Луксембург, како што пренесува францускиот весник „Ле Фигаро“.
Оваа нафта се повлекува од стратешките резерви на земјите и ќе се појави на пазарот во текот на следните неколку месеци, согласно обврската преземена во рамките на Г7.
Претходно овој месец, Групата седум (Г7) – која ги опфаќа најиндустријализираните нации во светот – се договори да пушти во оптек 100 милиони барели нафтени деривати од стратешките резерви во текот на четиримесечен период, со цел да влијае врз цените на бензинските пумпи.












