Светското првенство заврши, а покрај изборот на најдобрите, пристигна и листата со најголемите разочарувања. Угледниот американски медиум, ЕСПН, го објави идеалниот тим составен од играчи што, според неговата оцена, најмногу потфрлиле на Мундијалот.

На списокот се најдоа неколку големи фудбалски имиња од кои се очекуваше да бидат лидери на своите репрезентации, но наместо тоа, останаа далеку под очекувањата.

Меѓу најзвучните имиња се холандскиот капитен Вирџил ван Дајк, португалскиот плејмејкер Бруно Фернандес, германската ѕвезда Флоријан Вирц, бразилскиот ас Неимар и искусниот уругвајски голман Фернандо Муслера.

На голот се најде 40-годишниот Муслера, кој, според ЕСПН, направил сериозни грешки што скапо го чинеле Уругвај.

Во одбраната, покрај Ван Дајк, се и Џошуа Кимих, Марк Гуехи и Нико О’Рајли. Американскиот медиум смета дека сите четворица одиграле далеку под своето ниво, а дел од нив не успеале да се снајдат ниту на позиции што не им се природни.

Средниот ред го сочинуваат Федерико Валверде, Скот Мектоминеј и Бруно Фернандес. За Валверде се наведува дека не успеал да ја поведе играта на Уругвај, Мектоминеј бил речиси незабележлив, додека Фернандес не покажал ништо од формата што ја има во клупскиот фудбал.

Во нападот се најдоа три звучни имиња: Флоријан Вирц, Кристијан Пулишиќ и Неимар. Најголемо разочарување е Бразилецот, кој поради повреда одигра само 37 минути на целиот турнир. Вирц не ги оправдал огромните очекувања, додека Пулишиќ, по солидниот старт, целосно исчезнал на клучните натпревари.

ИЗДВОЕНИ