Италијанскиот тенисер Јаник Синер го освои трофејот во Монте Карло, каде што успеа да го победи Карлос Алкарас во финалето. Иако шпанскиот тенисер изгледаше како фаворит поради подлогата на која се игра турнирот, Синер успеа да стигне до трофејот и повторно да ја разгори дебатата – дали е тој најдобриот тенисер во светот?
Тој се врати на првото место на АТП-листата, а претседателот на италијанската федерација, Анџело Бинаџи, тврди дека тој немаше да ја напушти таа позиција. Бинаџи верува дека владеењето на Јаник Синер ќе траеше без прекин, само да немаше суспензија по скандалот со допинг за кој зборуваше целиот свет.
„Навикнати сме на подвизи на овој голем шампион. Да ја немаше таа неправедна суспензија, тој никогаш немаше да падне од првото место на АТП-листата, бидејќи тој е најдобар во светот“, рече претседателот на Италијанската тениска асоцијација, Анџело Бинаџи.
Чудно е како Анџело Бираџи смета дека дисквалификацијата на Јаник Синер е неправедна, кога некои други италијански спортисти добија многу повисоки казни за истиот прекршок. Всушност, ќе беше многу пофер доколку казната за Синер беше построга, а паузата подолга – на овој начин тој беше суспендиран само неколку месеци и тоа во делот од сезоната кога не се играат гренд слем турнири.
„Драго ми е што можам да забележам дека тој има одлична приспособливост на она што се чинеше дека е најмалку поволна подлога, земјена. Ова е одлична вест, не само за него, туку и за нас, бидејќи го чекаме во Рим со раширени раце за да се обиде да ја прекине 50-годишната суша во машката поединечна конкуренција“, рече Бинаџи.
Јаник Синер ја започна тековната тениска сезона малку полошо. На Отвореното првенство на Австралија, Новак Ѓоковиќ го победи во полуфиналето, а потоа загуби во четвртфиналето во Катар од Јакуб Меншик. Во тоа време, многумина мислеа дека младиот Италијанец можеби има проблеми со својата форма, но тој брзо закрепна. За многу кратко време, освои трофеи во Индијан Велс, Мајами и Монте Карло.
Но, Синер би можел брзо да падне од првото место доколку неговиот најголем ривал Алкарас, неделава се закити со титулата на турнирот во Барселона. Со евентуален триумф на турнирот од серијата 500, Алкарас би можел да се врати на првото место по само една недела.
„Да станеш број еден во Барселона е дополнителна мотивација. Видов дека со победа ќе се вратам на првото место. Битката што ја водам со Јаник е прекрасна, но јас сум фокусиран на целта да продолжам да се подобрувам“, рече Алкарас.
„Тој е еден од играчите што ме прават подобар, ме тера да ги разберам моите слабости и да видам каде треба да се фокусира на секој тренинг и натпревар. Но, дефинитивно нема да ми недостига оваа недела“, вели Карлос.












