Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс денес изјави дека папата Лав XIV не треба да се меша во внатрешните работи на Соединетите Американски Држави, а во исто време го бранеше американскиот претседател Доналд Трамп по неговите критики кон папата, кој рече дека не се плаши од американската администрација.
Венс, во интервју за „Фокс њуз“, рече дека Ватикан треба да се фокусира на моралните прашања, додека американската администрација треба да ја води јавната политика, додавајќи дека несогласувањата меѓу политичките и религиозните лидери се „природни“ и не претставуваат голем проблем.
„Нека се справат со она што се случува во Католичката црква, а американскиот претседател нека ја води американската јавна политика“, рече Венс.












