Иранските власти запленија имот на 240 дисиденти, новинари и јавни личности и замрзнаа 182 банкарски сметки, според новинската агенција „Мизан“, која е блиска до правосудството. Шефот на полицијата, Ахмадреза Радан, исто така потврди дека повеќе од 6.000 луѓе биле уапсени во врска со протестите во јануари, пренесува „Еуроњуз“.
Поголемиот дел од запленувањата – вкупно 143 – се извршени во Техеран. Агенцијата „Мизан“ наведува дека поединците опфатени со овие мерки се обвинети за „пропагандни активности или дејствување против државата во корист на непријателски влади“. Се додава дека дел од имотот им припаѓа на новинари кои работат за опозициски медиуми на персиски јазик, како што се „Иран интернешнл“ (Iran International) и „Маното“ (Manoto), како и на активисти и јавни личности кои живеат во странство.
Како еден од истакнатите случаи се наведува оној на претприемачот Садег Саеди-Ниа, кому му бил конфискуван имотот и бил осуден на затворска казна. Дополнително, иранското правосудство поднело над 2.000 барања до Централната банка во врска со сметките на обвинетите и најавило понатамошни запленувања и правни постапки. Полицијата за протестите и новите апсења
Шефот на полицијата Радан изјави дека неговите сили уапсиле тројца членови на организацијата „Муџахедин-е-Калк“ (MEK) – опозициска група во егзил која се залага за соборување на режимот. Според него, членовите на MEK одиграле улога во настаните што иранските власти ги нарекуваат „државен удар“, мислејќи на протестите во декември и јануари.
„Нема да ги заборавиме изгредниците и оние што планирале државен удар. Продолжуваме да ги следиме и да преземаме мерки против нив“, изјави Радан. Тој исто така истакна дека безбедносните сили спречиле фестивалот на огнот „Чахаршанбе Сури“ – персиска традиција со која се одбележува последната среда во годината – да биде искористен за поттикнување нови немири.
„Еден од опсежните планови на непријателот беше да ја искористи последната среда во годината за да создаде сценарио слично на она од јануари, но тоа не се случи“, изјави Радан.
Организацијата „Ирански човекови права“ (Iran Human Rights), со седиште во Норвешка, објави дека Иран погубил најмалку 532 лица од јануари наваму. Меѓу нив има најмалку 29 поединци поврзани со протестите во јануари. Стапката на погубувања нагло порасна од почетокот на војната со САД кон крајот на февруари, пренесува „Индекс“.
Покојниот ајатолах Али Хамнеи – кој беше убиен во американски напад врз неговата резиденција на почетокот на војната – исто така јавно ги опиша протестите како обид за државен удар.












