Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека руските напади со дронови во Украина, во близина на полската граница – вклучително и оној врз воз што патувал од Киев кон Варшава, кратко откако низ истата станица поминале високи странски функционери – ќе ја поттикнат Северноатлантската алијанса да ја зголеми поддршката за Киев.
Руте го опиша рускиот напад, извршен во неделата, како знак за сè поголемиот очај на властите во Москва.
„Овие напади во близина на територијата на НАТО укажуваат на очајот на рускиот претседател Владимир Путин, како и на неговата желба да сее страв и терор“, рече Руте во седиштето на Алијансата во Брисел.
Според него, „Русија дејствува сè понеодговорно во својата ужасна војна против Украина“.
Тој додаде дека поддршката за Украина ќе биде засилена и дека ќе се зајакне источната граница на самиот НАТО.
„Путин мисли дека ќе ја запре нашата поддршка за Украина и дека може да го поткопа нашето единство. Тој греши во тоа“, рече Руте во врска со рускиот претседател.
Полскиот премиер Доналд Туск во неделата, по споменатиот напад, изјави дека се чини оти Москва ја интензивира својата воена кампања долж границата на Украина со европските земји.
Полска најави планови за зајакнување на безбедноста долж границата со Украина.
Според извештаите, некои од руските дронови што дејствувале во граничната зона ја погодиле и полската територија, пренесе „Бета“.












