Кими Антонели испиша историја во Формула 1 откако на само 20 години ја освои светската шампионска титула и стана најмладиот возач кому му успеало тоа во најбрзиот автомобилски спорт. Младиот Италијанец од Мерцедес го обезбеди најголемиот успех во кариерата на Големата награда на Мексико, каде што заврши на третото место, резултат што беше доволен математички да го потврди првото место во генералниот пласман.

Тој пристигна во Мексико Сити со убедлива бодовна предност, знаејќи дека за освојување на титулата му е потребно да заврши меѓу првите деветмина. Сепак, тој не калкулираше и со одлично возење стигна до подиумот, зад победникот Макс Верстапен и зад второпласираниот Луис Хамилтон.

По завршувањето на трката, следуваше голема прослава, а посебен момент беше кога Верстапен и Хамилтон го кренаа на рамена, славејќи го неговото историско достигнување. За Антонели, ова е круна на фантастичната сезона во која оствари девет победи и дури 16 пласмани на подиумот, вклучувајќи и импресивна серија од пет последователни триумфи од Кина до Монако.

Со овој успех, тој го надмина досегашниот рекорд на Себастијан Фетел, кој ја освои својата прва титула на 23 години. Истовремено, стана првиот италијански светски шампион по Алберто Аскари, кој последен пат се искачи на тронот во 1953 година.

  • Ова е ден што ќе го паметам засекогаш. Од срце им благодарам на мојот тим, семејството, пријателите и на сите што ме поддржуваа. Полека почнувам да станувам свесен за сè што се случи и сакам да уживам во секој момент – изјави емотивниот Антонели по освојувањето на титулата.

Тој откри дека уште на почетокот од сезоната верувал дека може да се бори за шампионскиот пехар, бидејќи Мерцедес имал конкурентен болид и прикажувал константни резултати. Според него, токму континуитетот и одличната работа на тимот биле клучни за остварувањето на историскиот успех.

На прашањето дали може да тргне по стапките на повеќекратните шампиони Верстапен и Хамилтон, испрати јасна порака дека не планира да застане тука.

  • Ова е само почетокот. Оваа титула е нова основа врз која можеме да градиме понатамошни успеси, да напредуваме и да се стремиме кон освојување уште шампионски титули – порача новиот светски шампион.

Особено значаен е фактот што тој ја освои титулата во својата втора сезона во Формула 1, откако претходно го презеде местото на Луис Хамилтон во Мерцедес. Така, германскиот тим доби нова голема ѕвезда, а Формула 1 нов херој, кој веќе ги испиша првите страници од својата историја.

Иако до крајот на шампионатот остануваат уште четири трки, во Саун Пауло, Лас Вегас, Катар и во Абу Даби, прашањето за шампионот е веќе решено. Италија по повеќе од седум децении повторно има владетел во Формула 1, а Кими Антонели најави дека ова, можеби, е само почеток на една доминантна ера.

ИЗДВОЕНИ