Поради лошите временски услови во италијанските региони Апулија и Базиликата, за денес е прогласен портокалов аларм, а во неколку градови се затворени училиштата.
Одделот за цивилна заштита, во консултација со погодените региони – кои се надлежни за активирање на системите за цивилна заштита на своите територии – издаде ново предупредување за опасно време, пренесува „Анкронос“ (Adnkronos).
Жолт аларм е на сила за Калабрија, Кампанија, Молизе, Абруцо и Сицилија.
Во очекување на обилни врнежи, некои општини во Апулија воведоа рестриктивни мерки, вклучително и затворање на училиштата. На пример, училиштата се затворени во Сан Северо (во покраината Фоџа), Лече и Бриндизи.
Во Барлета, градските и приградските патишта, како и подвозниците, ќе бидат под надзор бидејќи постои ризик од поплавување поради обилните дождови. Доколку дојде до тоа, тие ќе бидат затворени и за возила и за пешаци.
Општина Лече нареди затворање на градските гробишта, градските градини и јавните паркови додека трае алармот.
Исто така, прекината е работата на одредени пазари. На жителите им се советува „да ги ограничат непотребните патувања, да ги избегнуваат парковите и областите со дрвореди, да се држат подалеку од поплавени подвозници и да бидат крајно претпазливи за време на невремето“.












