Иран ќе бара од бродските компании да плаќаат патарина во криптовалути за танкерите со нафта што минуваат низ Хормускиот Проток, додека се обидува да ја одржи контролата врз клучниот воден пат за време на двонеделното примирје.
Иран воведува царина од 1 долар по барел за премин низ Хормускиот Проток, која се плаќа во криптовалути.
Хамид Хосеини, портпарол на Иранската унија на извозници на нафта, гас и петрохемикалии, изјави за Фајненшл тајмс дека Иран планира да го царини секој танкер што поминува низ него и да го проверува секој брод.
„Иран треба да следи што влегува и излегува од Хормускиот Проток за да се осигура дека овие две недели нема да се користат за трансфер на оружје. Сè може да се случи, но постапката ќе се спроведе за секој брод, а Иран не брза“, рече Хосеини, чие здружение тесно соработува со државата.
Одлуките за условите за премин низ Хормускиот Проток ги донесува Врховниот совет за национална безбедност на Иран. Изјавите на Хосеини сугерираат дека Иран ќе бара од сите танкери да ја користат северната рута по должината на неговиот брег, што покренува прашања за тоа дали бродовите поврзани со западните или земјите од Персискиот Залив би биле подготвени да ризикуваат транзит.
Еден долар по барел нафта
Хосеини рече дека секој танкер мора да ги извести властите за својот товар преку е-пошта, по што Иран ќе го одреди износот на данокот што треба да се плати во дигитални валути. Тој додаде дека царината е еден долар по барел нафта, додека празните танкери можат да поминат бесплатно.
„Откако ќе пристигне е-поштата и Иран ќе ја заврши проценката, на бродовите им се даваат неколку секунди да платат во биткоин, со што се осигурува дека не можат да бидат следени или запленети поради санкции“, рече Хосеини.
Во среда, танкерите во Заливот добија радио-порака со која ги предупредија дека ќе бидат цел на воени напади доколку прво не добијат дозвола од иранските власти.
„Доколку некој брод се обиде да помине без дозвола, ќе биде уништен“, се вели во пораката на англиски јазик, според видео споделено со FT.
Судбината на транзитот низ Хормускиот Проток е едно од најтешките прашања со кои се соочуваат преговарачите додека се обидуваат да го претворат привременото примирје во траен мир, при што желбата на Иран да го задржи влијанието врз клучниот воден пат се судира со силно противење од сојузниците на САД во Заливот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека примирјето е условено од „целосно, итно и безбедно отворање на Хормускиот Проток од страна на Исламската Република Иран“, според објава на социјалните мрежи. Во соопштението од Врховниот совет за национална безбедност на Иран се наведени 10 точки што ја формираат основата на преговорите со САД, вклучувајќи и нов „протокол за безбеден премин“ низ Протокот во координација со иранските вооружени сили.
Бродските компании се претпазливи
Западните бродосопственици во средата изјавија дека имаат претпазлив пристап додека чекаат детали за тоа како и дали Проткот ќе биде повторно отворен, при што во моментов нема бродови кои се обидуваат да го поминат, освен два кон Иран.
„Маерск“, втората по големина бродска компанија во светот, изјави дека „работи итно“ за да ги разјасни условите.
„Прекинот на огнот може да создаде можности за транзит, но сè уште не обезбедува целосна безбедност за поморскиот сообраќај“, соопшти компанијата, додавајќи дека ќе продолжи да има „претпазлив пристап“ и дека засега не менува специфични услуги.
Дозволувањето на Иран да продолжи да го контролира клучниот воден пат веројатно ќе биде неприфатливо за земјите од Заливот, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Исто така, тоа покренува прашања за ОПЕК+, а аналитичарите предупредуваат дека давањето контрола врз Хормус на Иран би можело фундаментално да го промени балансот на моќ во рамките на групата, давајќи му на Техеран потенцијално вето врз извозот на конкурентските членови.
Али Шихаби, коментатор близок до саудискиот кралски двор, рече дека кралството ќе бара „непречен“ пристап до глобалните пазари.
„Дозволувањето Иран да има каква било форма на контрола врз Протокот би било црвена линија. Приоритет мора да биде непречен премин низ теснецот“, рече Шихаби.
187 танкери за нафта чекаат во Заливот
Клучниот саудиски нафтовод Исток-Запад, кој кралството го користи за пренасочување на извозот кон Црвеното Море, беше погоден од дрон, според извори запознаени со ситуацијата, и покрај прекинот на огнот. Според најновите бројки, околу 175 милиони барели сурова и рафинирана нафта моментално се натоварени на 187 танкери во Заливот, кои сега би можеле да почнат да се движат, во зависност од ситуацијата во Протокот. Раководителите на индустријата проценуваат дека помеѓу 300 и 400 бродови чекаат да го напуштат Заливот штом преминот биде безбеден, а еден ја опиша ситуацијата како „паркирање“.
Неколку трговци веруваат дека ситуацијата во наредните денови ќе личи на системот развиен во текот на изминатите две недели, во кој на мал број бродови одобрени од Иран им е дозволено да поминат низ одредена рута. За време на конфликтот, ова најмногу се однесуваше на бродови кои претходно соработувале со Иран и немаат врски со САД, Израел или земјите од Персискиот Залив кои обезбедиле логистичка поддршка за нападите.
Мартин Кели, директор на консултантски услуги во групата за поморско разузнавање EOS Risk, рече дека „нема шанси“ застојот на бродовите што чекаат да отпловат да биде расчистен во рок од две недели. Тој рече дека околу 10 до 15 бродови би можеле да поминат низ Протокот секој ден, бидејќи процесот е „доста долг“, што е значително намалување од околу 135 бродови дневно пред војната.












