Американските законодавци ќе се обидат следната недела повторно да гласаат за резолуција за прекин на војната со Иран и да го принудат претседателот Доналд Трамп да бара одобрение од Конгресот за какви било понатамошни напади. Иако Уставот на САД бара од Конгресот, а не од претседателот, да објави војна, Трамп го користи тоа што ограничувањето не се однесува на краткорочни операции или ситуации кога се соочува земјата со непосредна закана
Американските законодавци ќе се обидат следната недела повторно да гласаат за резолуција за прекин на војната со Иран и да го принудат претседателот Доналд Трамп да бара одобрение од Конгресот за какви било понатамошни напади, изјави лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, откако Трамп објави двонеделен прекин на огнот.
– Конгресот мора повторно да го потврди својот авторитет, особено во ова опасно време – рече тој.
Во изминатите месеци, демократите во Сенатот и во Претставничкиот дом се обидуваа, но постојано не успеваа да донесат резолуции за воени овластувања што би го принудиле Трамп да добие одобрение од пратениците пред да почне воени операции.
Републиканците на Трамп во Конгресот, кои имаат тесно мнозинство во двата дома – и во Претставничкиот и во Сенатот, речиси едногласно ги поддржаа неговите политики. Иако Уставот на САД бара од Конгресот, а не од претседателот, да објави војна, Трамп го користи тоа што ограничувањето не се однесува на краткорочни операции или ситуации кога се соочува земјата со непосредна закана, пишува „Ројтерс“. Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, претставник од Њујорк, рече дека тој Дом треба да гласа и за резолуција за ограничување на војната против Иран.
– Ни треба траен крај на безобѕирната војна што Доналд Трамп ја избра самиот – изјави Џефрис за Си-ен-ен.
Трамп се согласи за прекин на огнот во вторникот, помалку од два часа пред рокот што му го постави на Техеран: повторно да го отвори Хормускиот Проток или да се соочи со катастрофални напади врз цивилната инфраструктура. Заканата на Трамп дека „цела цивилизација ќе умре вечерва“ предизвика глобална загриженост и осуда од демократите, од кои десетици побараа негово разрешување. Женевските конвенции од 1949 година за хуманитарно однесување во војна забрануваат напади врз локации што се сметаат за критични за цивилите.
Шумер, на прес-конференција во Њујорк, рече дека војната била „една од најлошите воени и надворешнополитички акции што некогаш ги презеле САД и посочи дека конфликтот ги ставил САД во полоша состојба во однос на глобалниот кредибилитет, ги оставил нуклеарните амбиции на Иран неконтролирани, ги зголемил цените на гасот и ја попречил контролата врз Хормускиот Проток. Тој ги нарече изјавите на Трамп „непресметливи“ и ја критикуваше војната, затоа што не успеа да ја ослаби Владата на Иран или да ја ограничи нејзината нуклеарна програма, иако Иран тврди дека таа е мирновременска. Но, Белата куќа тврди дека постапките на Трамп се легални и во рамките на неговите права, како врховен командант, да ги заштити САД со наредби за ограничени воени операции.
Демократите во Сенатот предложија пет резолуции за воени овластувања за да го принудат Трамп да ги повлече силите од регионот. Претходните обиди беа блокирани од републиканците, но постои зголемена вознемиреност во Републиканската партија поради неодамнешните закани на Трамп за бомбардирање електрани и мостови, како и неговото предупредување дека „цела цивилизација ќе умре вечерва“.












