Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, се врати во кампањата за да ги поддржи кандидатите на Демократската партија пред изборите за Конгресот на 3 ноември, но сепак, не е исклучена можноста таа повторно да се кандидира за претседател на САД во 2028 година.
Според британскиот весник „Гардијан“, две години по поразот од Доналд Трамп на претседателските избори во 2024 година, Харис е повторно активна на политичката сцена, учествувајќи на собири низ целата земја и работејќи на зајакнување на поддршката за Демократската партија.
За време на неодамнешното обраќање пред студентите на Универзитетот „Кларк Атланта“ во Џорџија, Харис беше пречекана со овации и стоечки аплауз. Таа им порача на присутните дека не смеат да дозволат други да одлучуваат за нивната иднина.
Во последните недели, Харис им даде поддршка на демократските кандидати во Мисисипи, Невада, Висконсин, Њу Хемпшир и Мичиген, а исто така водеше кампања и за сенаторот Џон Ософ во Џорџија.
Иако сè почесто се споменува како потенцијален кандидат на Демократската партија за претседателските избори во 2028 година, Харис тврди дека сè уште нема донесено одлука за својата политичка иднина.
Во неодамнешен разговор со актерката Кики Палмер, таа нагласи дека нејзин моментален приоритет се изборите за Конгресот во 2026 година, чиј исход ќе го одреди идниот политички правец на демократите.
На еден партиски настан во Атланта, Харис ја критикуваше администрацијата на Трамп, обвинувајќи ја за корупција и предупредувајќи дека Демократската партија мора да понуди повеќе од само враќање на политичките обрасци што постоеле пред тој да дојде на власт. Таа истакна дека, доколку демократите ја вратат политичката власт, мораат да дејствуваат поодлучно за да ги исполнат ветувањата дадени на гласачите, особено во борбата против корупцијата и економската нееднаквост.












