Васко Шутаров дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, на насоката за дипломатија. Магистрирал во областа на правните науки и применета дипломатија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и докторирал во областа политички науки на истиот универзитет. Бил советник во советот на Општина Гевгелија и пратеник во собранието на Македонија, автор е на бројни научни трудови и книги. Од 2024 година е директор на Културно-информативниот центар на Македонија во Белград, Република Србија. Го искористивме неговиот престој во Гевгелија да поразговараме за весникот ВЕЧЕР за неговиот животен и работен пат низ дипломатијата и културата
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Во 2024 година станавте директор на македонскиот КИЦ во Белград, а Центарот беше свечено отворен во мај, 2025 година. Каква визија имавте за Центарот кога ја прифативте функцијата?
Кога заминував на дипломатска мисија во Белград, со задача, конечно да се отвори наш Културно-информативен центар, бев силно мотивиран тоа да се заврши колку што е можно најдобро и по можност, што е можно побргу! Имав многу добра волја, јасен фокус, а и солидно предзнаење, благодарејќи на моето шестгодишно раководење со нашиот КИЦ во Софија, па точно знаев каков КИЦ во Белград треба да имаме како држава. Претходно имав издадено и две книги и напишано стотици страници научни трудови токму за културната дипломатија, што ми даваше сигурност да не работам под тензија и да имам трпение во решавањето на административните предизвици за основање културна институција во странство. На 11 април 2025 година, во пресрет на Велигден, ги отворивме вратите на нашиот КИЦ во Белград за посетители, со преубав духовен концерт со женскиот хор „Менада“ од Тетово и со голема ретроспективна изложба на 24 македонски уметници кои живеат и работат во Белград, а на 16 мај и со фантастичен концерт на Васил Хаџиманов и Зарина Првасевда, во присуство на македонскиот и српскиот министер за култура, кога нашиот КИЦ беше и свечено отворен. И еве, веќе 15 месеци, нашата адреса на „Македонска 30“, во центарот на Белград, станува препознатливо и добро место за размена на културна енергија помеѓу македонската култура и српската публика.
Што сакате еден белграѓанец да понесе со себе по посетата на македонскиот КИЦ?
Да ја почувствува Македонија, поточно да понесе дома радост со (пре) откривањето на најдоброто од македонската култура и уметност. Имаме бројна и редовна публика која има македонско потекло и нивните очекувања од нашата културна понуда ми се и многу јасни и посебно блиски. Но, стекнуваме и публика која првпат се среќава со македонска култура, најчесто преку музичките концерти, каде што барем половина од публиката се белграѓани или странци во Белград, кои претходно и немале поголеми сознанија за нашата култура, а патем, со концертите во наша организација сме успеале да ги заинтригираме или да ги испровоцираме и за наши други настани.
Васко Шутаров е име кое се поврзува со политика, дипломатија, академска работа и култура. Кога би требало сами да се претставите, кој од овие четири аспекти Ви е најблизок?
Она што ги поврзува сите овие области заедно, а тоа е културната дипломатија! Таа „мека моќ“ во дипломатијата, истовремено е и надворешна политика на една држава, таа претставува и најсофистицирано дипломатско умеење и знаење, заснована е на наука и на добри културно-дипломатски практики, теориски и практично поткрепени во културата. Културната дипломатија е она што по толку многу години работење, што во политиката, дипломатијата, културните институции или како професор на факултет, останува моја најголема професионална страст.

Дали политичкото искуство Ви помогна подоцна да бидете подобар дипломат – или дипломатското искуство Ви покажа дека политиката треба да се гледа поинаку?
И за едното работно искуство и за другото, сметам дека најмногу ме обликува моето студирање на Факултетот за политички науки во Белград. Имав професори кои и денес ми остануваат парадигма, што треба да значи еден вистински професор за своите студенти! Тоа беа, во најголем дел, професори кои не само што нè воведуваа во знаењата од политичките науки туку ни споделуваа и свои животни искуства и нè подготвуваа за една култура на живеење, која јас и денес би ја нарекол – господска!
Поминавте шест години во македонската дипломатска служба во Софија. Што беше најголемиот предизвик за еден македонски дипломат во Бугарија во тој период?
Имав навистина многу сериозна задача како прв претставник на македонската култура во Софија, од 2011 до 2017 година, период на исклучително чувствителни односи меѓу двете држави, посебно во културата. Имаше многу неспиени ноќи, поминати во „мерење“ на секој изречен збор, за некое културно обраќање или медиумско претставување во утрешниот ден. Кога заминував од Софија, на 30 септември 2017 година, се одвиваше Денот на европските јазици, настан на кој трпеливо работев претходните шест години за да може Македонија рамноправно да учествува на тоа празнување со свој штанд за македонскиот јазик. Тоа беше шестгодишна културно-дипломатска мисија, чиста како солза, без ниту еден пропуст или гаф, на што сум до ден денешен некако горд, а истовремено и побогат за бројни пријателства со бугарски уметници и интелектуалци, на кои сум исто така подеднакво горд, дека можам да ги наречам, пријатели.
Дали сметате дека малите држави, како Македонија, можат преку умешна дипломатија да имаат поголемо влијание од она што им го дозволува нивната политичка и економска моќ?
Јас сум во тоа убеден, зашто тоа е и научно поткрепено, дека помалите држави најмногу со умешна дипломатија, а посебно со предностите на својата јавна и културна дипломатија, можат да создадат поповолна претстава за својата земја пред јавноста во странство. Да се создаде најповолна можна перцепција за вас, тоа е вистински добра работа, имајќи предвид дека од тоа многукратно можат да се извлечат и политички придобивки. Со години на ред, на листата на најпривлечни држави во светот се наоѓаат скандинавските држави, кои не важат за големи, ниту по територија ниту по население, но стекнуваат симпатии и економски и политички бенефиции и стануваат важни играчи на меѓународната политичка сцена, поради вредности и квалитети во општественото уредување и културата на живеење, кои се од доменот на меката моќ во надворешната политика.

Со години ја проучувате културната дипломатија. Што може културата да постигне таму каде што политиката понекогаш не успева?
За културната дипломатија велат дека треба да биде секогаш отворен прозорец за двонасочна комуникација и кога сите други врати помеѓу две држави остануваат затворени, или едвај, со тешка мака, подотворени! Во овој контекст, доволно е да се присетиме на гостувањата на американските џез-музичари и писатели во годините на „железната завеса“ и целосната затвореност на комунистичките режими за западната култура, или обратно, гостувањата на славните руски балетски уметници во САД. Културната дипломатија ја има таа моќ да создава симпатии, наклонетост, па дури и обожавање на вашата култура, културата или стилот на живеење што може да создаде трајни и длабоки пријателства и, воопшто, наклонетост кон вашата држава, да креира перцепција и обликување на јавно мнение, а со тоа и влијание врз носењето политички одлуки. А мора да признаеме дека на класичната или традиционална дипломатија не ѝ успева секогаш со таква леснотија!
Дали една изложба, концерт или книга може да направи повеќе за зближување на два народа отколку една политичка средба?
Апсолутно сум убеден во тоа, не потценувајќи ја во ниту еден момент моќта на политичарите, посебно ако се умешни, убедливи и вешти во своето дејствување. Но, за разлика од политиката и политичкото, културно-дипломатските акции, еве да речеме, концерти на ваши врвни музички уметници, провоцираат и врзуваат емоција, емпатија кон вас и вашата култура, кои можат да биде подолготрајно и подлабоко втемелени отколку одредени инстант резултати на некоја политичка средба. Или кога сме кај книгата и книжевноста, видете само колкав медиумски простор, внимание и емпатија предизвика заминувањето на популарната хрватска писателка и колумнистка Ведрана Рудан. Ни постојаните реклами за убавините на Јадранот и Далмација, ни трагедијата со пожарите во Омиш, ни успесите на хрватската репрезентација по ватерполо не предизвикаа толкав интерес и внимание каков што со своето заминување предизвика културолошкиот феномен, наречен Ведрана Рудан, која несомнено беше најпровокативна и најчитана авторка во регионот!
Дали македонската културна дипломатија денес е доволно смела и препознатлива?
Македонската културна дипломатија може да сподели најмногу стекнато искуство со своите културно-информативни центри, што е најмногуброен и најразгранет систем на културни центри во странство, во државите од бившиот југословенски простор. Јас силно го подржувам тој смел тренд бидејќи македонската култура, благодарејќи на своите КИЦ-ови, стана неизоставен и препознатлив дел од културната сцена во Софија, Тирана, Истанбул, Загреб и Белград. Министерството за култура и туризам, бројни национални па и локални институции од културата, независната културна сцена, бројни истакнати имиња од македонската култура и уметност, македонската академска и медиумска средина, веќе имаат стекнато и бројни искуства и сериозно добра културно-дипломатска практика, за уште посмели исчекори на македонската култура на меѓународен план. Така што, убеден сум дека и во рамките на постојните ресурси, а камо среќа и со поголеми ресурси, можеме да се претставиме не само со „денови или недели на македонската култура“ туку и со „месеци или сезони“, како што тоа го прават најголемите и најмоќни културни дипломатии во светот. Би било корисно и убаво европските престолнини да бидат постојана цел, со барем една или две големи репрезентативни презентации на македонската култура на годишно ниво. Затоа што верувам дека културната дипломатија е алатка со која можеме да му покажеме на светот кои сме, што сме и колку можеме.

Објавивте повеќе книги, меѓу кои и „Со зрно сол. И парче локум“ и „Паметење, заборавање и други важни нешта“. Што Ве поттикнува да пишувате?
Уште со првата прочитана книга во најраното детство, ми беше сосем јасно дека цел живот ќе бидам пасиониран читач. На прсти можам да ги избројам деновите или ноќите кога не сум прочитал нешто! Не би сакал да звучам претенциозно, но сметам дека умеам и да пишувам, па за време на короната, благодарејќи на поканата на порталот „Република“ пишував колумни на многу актуелни теми еднаш неделно, пет полни години, по ред! Од тие колумни се изродија и три книги со колумни, кои го спомнувате во вашето прашање. Исклучително многу ми годеше тој набој од ментална кондиција, држејќи онлајн предавања на два факултети и редовното седмично објавување колумни. Сега, преокупиран со актуелнава работа во Белград, ми останува многу малку време да седнам и да напишам нешто, но да не се жалам, лаптопот ми е преполн со текстови кои треба само да бидат средени, редактирани и објавени! Темата, се разбира, е онаа истата, за која веќе зборував – културната дипломатија!
Како човек роден во Кавадарци, а долгогодишно поврзан со Гевгелија, што значи за Вас Гевгелија како место на живеење и како средина која влијаела врз Вашиот професионален пат?
Јас, всушност, и по мајка и по татко сум богданчанец, но, Гевгелија е мој дом и моја никогаш завршена љубовна приказна! Гевгелија е магија, исходиште, моја закрила и засолниште, мој копнеж кога сум далеку и мое сигурно одредиште кон кое секогаш редовно се враќам. Нормално дека најубави се годините на младоста, а токму во Гевгелија ми се случуваа тие мои најубави години во животот! Без двоумење, би кажал и дека најубавите години во мојата професионална кариера ми беа оние како директор на Пионерскиот дом. Тогашните деца и млади, на кои не им се знаеше број, а катаден наоѓаа простор за некаква културна или едукациска активност, денес се веќе возрасни луѓе и родители. И во Белград, во нашиот КИЦ, првите посетители кои ми дојдоа со своите деца, беа, „моите деца“ од тој Пионерски дом – Митко Арнаудов, сега веќе познат доктор на политички науки во Белград и Марица Јованова, успешна млада жена, со нејзините две ќеркички.
И за крај: кога еден ден ќе погледнете наназад кон Вашата кариера, по што би сакале да Ве паметат?
Како човек чие животно мото, беше и остана, КУЛТУРАТА! И кога не беше секогаш лесно да се верува во тоа!












