Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на денешната посета на Мали Иѓош упати остра порака во која истакна дека на српскиот народ му е доста од лаги и осудувања.
Тој, одговарајќи на новинарски прашања за време на обиколката на Мали Иѓош, изјави дека не му е жал што Марта Кос ја откажала посетата на Србија, за што таа наведе „многу кратко и глупаво објаснување“.
„Како причина наведе кратко, но глупаво објаснување – глорификација на генералот Младиќ, но не кажа кој глорификувал. Но, кога немаат ништо друго, тогаш споменуваат сè“, изјави Вучиќ.
Тој ја запраша европската комесарка за проширување дали требало да им забрани на луѓето да присуствуваат на погребот на Младиќ, да не се регулира сообраќајот…?
Потоа испрати и многу остра порака: „Тие не ја разбраа најдобро пораката на српскиот народ. И да се тргнат на страна тие муабети за Младиќ, не разбираат колку на српскиот народ му е преку глава од лаги, одземање територии, ослободителни пресуди.“
Вучиќ рече дека очекува и некаков вид ослободителна пресуда за Хашим Тачи, а за Марта Кос додаде и дека „баш сакал со неа да си поразговара за тоа како за четири години ќе разговараат за кластерот 3, како и дека повторно ќе мора да разговараат со него бидејќи СНС ќе победи на изборите“.
„Нема Марта Кос да ми држи лекции кој е воен злосторник, кој е монструм, а кој не е“, нагласи Вучиќ и потсети на усташките повици „За дом спремни“ во земја членка на ЕУ, на кои никој не реагира.
На прашањето да ја прокоментира фактот што на денешната конференција за медиуми му се заблагодарил синот на Ратко Младиќ, Дарко Младиќ, Вучиќ изјави дека се обидел да направи сè што е во негова моќ за да му помогне на семејството, но и на генералот Младиќ кој лежел болен во притворската единица во Хаг.
Инаки, еврокомесарката за проширување Марта Кос денес објави дека нема да ја оствари планираната посета на Србија.
Како што наведе таа, величењето што следи по смртта на Ратко Младиќ не може да се поврзе со вредностите врз кои е изграден патот кон Европската Унија (ЕУ).
Кос во објава на X изјави дека Младиќ е „осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства“ и дека „враќањето на неговите останки во Белград ја потсетува Европа на најтемните страници од нашата понова историја“.
„Глорификацијата што следи по неговата смрт е некомпатибилна со вредностите врз кои е изграден патот кон ЕУ. Тој пат бара соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите на воените злосторства“, се наведува во објавата.
Кос додаде дека „вредностите врз кои се темели нашата заедничка иднина не се предмет на преговори“.
„Во овој контекст, решив да не ја остварам мојата планирана посета на Србија во овој момент“, се заклучува во објавата.












