петок, септември 4, 2026
Дома КУЛТУРА Пејчинова, Трајковска и Јанковски – наградени за кратка книжевна форма; Вториот дел од...

Пејчинова, Трајковска и Јанковски – наградени за кратка книжевна форма; Вториот дел од „Празник на липите“ на 5 септември во ДПМ

2

Ана Пејчинова, Даниела Андоновска-Трајковска и Владимир Јанковски се добитници на наградите на конкурсот за најдобра кратка книжевна форма (песна или расказ) на јубилејното триесетто издание на „Празник на липите“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

На конкурсот, како што прецизираат од ДПМ, пристигнале вкупно 32 дела (26 песни и шест раскази), а тројцата членови на анонимната жири-комисија: Ива Дамјановски, Никола Маџиров и Жарко Кујунџиски, работејќи независно и бодирајќи ги непотпишаните творби пријавени на конкурсот, ги избраа следните три дела: I награда: „Мајсторска завршница“ од Ана Пејчинова (поезија); II награда: „Татко ми станал писател“ од Даниела Андоновска-Трајковска (поезија); и III награда: „Сребре Тилевски, липарот“ од Владимир Јанковски (расказ).

Трите избрани творби, како и другите дела пријавени на анонимниот конкурс, ќе бидат претставени на книжевното читање што ќе се одржи на 5 септември во просториите на ДПМ, со што ќе се одржи вториот дел и ќе се затвори манифестацијата „Празник на липите“ за 2026 година.

Првиот дел од манифестацијата „Празник на липите“ се одржа на 20 јуни во Друштвото на писателите на Македонија, кога на лауреатите академик Ристо Василевски од Македонија и на бугарската поетеса Роза Бојанова им беа врачени јубилејните, триесетти по ред награди „Книжевен жезол“. Плакетите и статуетките ги врачи претседателката на ДПМ, Гордана Јовиќ-Стојковска, беседи за творештвата на лауреатите одржаа Сузана Мицева и Драгана Евтимова, а музички настап имаше Филип Буркшлиев. По повод јубилејот, на свеченоста присуствуваше и Владо Велјаноски, кој го изработува „Жезолот“ од основањето на наградата во 1996 година.

ИЗДВОЕНИ