четврток, септември 24, 2026
Дома СКОПСКА Санацијата на „Естекада“ под рефлектори

Санацијата на „Естекада“ под рефлектори

2

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави дека вчеравечер се вршело ноќно асфалтирање на надвозникот „Естакада“ во Гази Баба, кој е една од најважните сообраќајни врски во овој дел од Скопје, а на кое присуствувал заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

– Работите се изведуваат во ноќните часови за да се намали сообраќајниот застој и за да се избегне дополнителен метеж во текот на денот. Ваквата практика ќе продолжи секаде каде што дозволуваат условите, затоа што времето на граѓаните заслужува почит, а нивното секојдневие мора да биде дел од секој наш план за работа – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека со оваа санација Град Скопје одговара на долгогодишното барање на илјадници жители.

Како што информираше скопскиот градоначалник, санацијата ги опфаќа пристапните рампи на вкупна површина од 10.000 квадратни метри, од кои 3.800 квадратни метри се целосно обработени со гребење и вградување два нови слоја асфалт, додека на самиот надвозник се поставува нов асфалтен слој.

Вкупната должина на коловозот што се санира изнесува 1,5 километри.

– Поставени се нови рабници и тротоари, а зафатот опфаќа и бојадисување на заштитната пешачка ограда и поставување нови капаци за шахтите – потенцира Ѓорѓиевски.

Тој нагласува дека  „Естакада“ е еден од најфреквентните излези од Скопје, важен за луѓето што патуваат на работа, за учениците, за семејствата и за стопанството.

– Наша обврска е да обезбедиме безбедно и непречено движење за сите нив – заклучи првиот човек на Градот.

Притоа, потенцираше дека Скопје заслужува инфраструктура на која граѓаните може да се потпрат и оти ќе се продолжи со санација на сите мостови во градот каде што има потреба, со, како што вели, јасен приоритет за безбедноста на секој учесник во сообраќајот.

 

ИЗДВОЕНИ