„ЕСМ Дистрибуција на топлина“ почна со подготовки на дистрибутивната мрежа за претстојната грејна сезона и пуштање во функција на топлинските потстаници. Оттаму соопштуваат дека до 30.9.2026 година, секој работен ден од 9:00 до 14:00 часот, низ системот ќе се врши ладна циркулација на водата од топланите за да се направат неопходните проверки на состојбата на дистрибутивната мрежа и на потстаниците. Од „ЕСМ Дистрибуција на топлина“ ги повикува сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации и да ги пријават интервенциите во Центарот за грижа на потрошувачи

 

„ЕСМ Дистрибуција на топлина“ почна со подготовки на дистрибутивната мрежа за претстојната грејна сезона и пуштање во функција на топлинските потстаници.

Оттаму соопштуваат дека до 30.9.2026 година, секој работен ден од 9:00 до 14:00 часот, низ системот ќе се врши ладна циркулација на водата од топланите за да се направат неопходните проверки на состојбата на дистрибутивната мрежа и на потстаниците.

Од „ЕСМ Дистрибуција на топлина“ ги повикуват сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации и да ги пријават интервенциите во Центарот за грижа на потрошувачи.

– Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно напојување со електрична енергија, што подразбира платени сметки и функционална електрична инсталација – предупредуваат од „ЕСМ Дистрибуција на топлина“.

Инаку, официјалниот почеток на грејната сезона за објектите што се загреваат со парно е 15 октомври, иако греењето може да почне и порано, односно од 1 октомври, како што беше минатата година. Според правилата за дистрибуција на топлинска енергија, тоа се случува доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден изнесува 12°C или е пониска, согласно со податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.

Преку системот за централно греење со кој управува АД ЕСМ се греат околу 66.000 потрошувачи, од кои 65.000 се домаќинства, како и над 1.000 деловни потрошувачи, во кои се вклучени болници, здравствени домови, средни и основни училишта и детски градинки. Правилата за испорака на топлинска енергија утврдуваат дека во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во периодот од 6:00 до 22:00 часот во текот на денот, при наполно отворени радијаторски вентили и доколку внатрешната грејна инсталација во објектите е технички и функционална исправна.

Инаку, оваа грејна сезона скопјани ќе плаќаат повисоки сметки за парно отколку минатата, затоа што од први август Регулаторната комисија за енергетика ја зголеми цената на топлинската енергија.

За граѓаните што се греат на парното со кое управува „ЕСМ Снабдување“, цената се зголемува за 5,96 %, за корисниците на „ЕСМ Енергетика“ или т.н. железарско парно поскапувањето е 5,18 %, а за корисниците на „Енерго еколог“, поранешно Скопје Север, цената се зголемува за 3,65 %.

Според пресметките на РКЕ, за просечен стан од 60 квадратни метри зголемувањето е за 140 денари.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ