– Сметам дека секогаш треба да им се дава простор на младите актери, и никогаш не е доволно тоа. Ние сме новата енергија и двигатели на театарот, оние што носат нови идеи, различни погледи и свежина на сцената. Публиката треба да има можност да ги запознае и да ги поддржи младите уметници бидејќи тие се иднината на театарот. Но, исто така, не сметам дека секогаш треба да ја чекаме шансата, ако не доаѓа таа, треба да најдеме начин сами да ја создадеме – преку идеи, проекти, иницијативи. Верувам дека кога имаш што да кажеш, патот до сцената може да се најде – вели за весникот ВЕЧЕР Никица Јанковски, млад актер што иако од пред две години е дел од ансамблот на Театар Куманово, веќе има добиено две фестивалски награди
Младиот актер Никица Јанковски (Куманово, р. 1997) од пред две години е дел од ансамблот на Театар Куманово. Има дипломирано на ЕСРА во 2019 година, во класата на Дејан Пројковски. Во 2022 година тој ја доби својата прва актерска награда на фестивалот за деца и млади „Малиот принц“ во Штип, за улогата на Ушко во претставата „Малата сирена“. Минатата година, пак, се овенча со наградата за најдобра улога за млад актер, за претставата „Разбуди се, Тина“, на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово. Во разговор за весникот ВЕЧЕР, покрај неговиот професионален живот, ги отвораме и прашањата за младите актери во Македонија и за нивните можности, за неговата љубов и за неговата посветеност на театарот, за Театар Куманово…
Ја освоивте наградата за најдобра улога за млад актер, за претставата „Разбуди се, Тина“, на минатогодишниот фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово. Какво е чувството кога ќе се валоризира трудот со признание?
Искрено, чувството е навистина особено. Секој актер вложува многу време, енергија и емоција во процесот на создавањето на еден лик (претстава), па кога ќе биде препознаено и валоризирано тоа со вакво признание, претставува голема чест и дополнителен мотив, но и одговорност. Не можам да кажам дека оваа награда е само моја, оваа награда е и на моите колеги со кои ја делам сцената, но и на оние што се зад сцената. Таа е резултат на една прекрасна тимска работа што ја имавме низ целиот процес. Имам прекрасни колеги со кои несебично соработувам на сцената, на чело со режисерката Драгана Таневска и токму таа доверба и заемна поддршка ни овозможија да создадеме претстава што многу ја сакам, што ги полни салите, што во тие час и половина ќе ја насмее публиката до солзи. Радоста од ова признание сѐ уште ме држи. Тоа е енергија што тешко избледува, затоа што доаѓа како потврда дека она што сме го создале со љубов и искреност стигнало до публиката.

Што значи ваква награда за млад актер? И дали е Ваша прва награда?
Наградата за млад актер, за мене, има особено значење бидејќи доаѓа во период кога сѐ уште се градам како актер, но и како поттик да продолжам да работам со истата посветеност и како потврда дека сум на вистинскиот пат. Првата моја актерска награда ја добив во 2022 година, на фестивалот за деца и млади „Малиот принц“ во Штип, за улогата на Ушко во претставата „Малата сирена“. Ова признание е некако во моментот на дополнителна самодоверба и мотив да верувам во патот што сум избрал да го изодам. Денес, со наградата од фестивалот „Денови на комедијата“, во претставата „Разбуди се, Тина“ со ликот на Томица, чувствувам дека продолжува да се гради и да се развива тој пат. Многу често размислувам и барам одговор дали нештото што го создавам е добро, дали се препознава. И тука и го наоѓам одговорот – во самото прашање, аплаузите на публиката, која е, исто така, голема награда, но и признанијата од фестивалите се еден одговор на кој постојано се присетувам. Наградите не ги доживувам како круна, туку како компас, кој не покажува дека сум стигнал некаде, туку ме потсетува дека допрва почнува патот. Неверојатно е кај една награда што не го затвора кругот, туку отвора ново прашање: Што уште да создадам?
Колку е значаен фестивалот „Денови на комедијата“ за Вашиот град?
Интернационалниот фестивал „Денови на комедијата“ уште како е значаен не само за мене лично, не само за Куманово туку и за цела Македонија. Тоа е фестивал со речиси 30-годишна традиција, која прераснува во еден од најпрепознатливите и најценети театарски фестивали во државата. Неговото значење најмногу го потврдува публиката, која секоја година бара карта повеќе. Салите се исполнети, интересот не стивнува, но кога ќе дојдете на фестивалот, се чувствува таа силна љубов кон театарот. За мене лично, ова е фестивал со кој растев. Во фестивалските денови сум ги гледал големите актерски имиња и претстави што оставиле белег во македонскиот театар. Она што е особено важно е што овој фестивал уште како придонесе за развојот на театарскиот живот кај нас. Со години е место каде што публиката има можност да ги види најдобрите претстави и најдобрите актери, а воедно да создаде и една убава театарска традиција, која трае со децении. Можам слободно да кажам дека ова е фестивал што има оставено длабока трага во македонската театарска култура, фестивал што со години ги спојува актерите и публиката на еден посебен начин и нè потсетува колку има моќ театарот да обединува, да радува, да насмее, да остане во сеќавање.

Може ли накратко да нè запознаете со Вашиот професионален живот?
Ако треба да ја барам првата искра на мојата љубов кон театарот, таа сигурно се крие во темнината во салата на театарот. Додека како дете седев во публиката и со широко отворени очи ги гледав детските претстави со восхитување, не знаев дека токму таму, меѓу светлата и завесите, тивко се раѓа мојата иднина. Од училиште често нè носеа во театар и јас секогаш се враќав дома со истото прашање: Како е можно неколку луѓе со неколку предмети да создадат цел еден нов свет? Таа магија ме фасцинираше и без да бидам свесен, театарот почна да станува дел од мене. Пред да застанам на вистинската сцена во театар, моја мала сцена беше маскенбалот во Куманово. Тогаш првпат почувствував дека сцената е местото каде што припаѓам. Судбината понекогаш знае да дојде во наједноставна форма, како разговор по завршен настан. По завршувањето на еден маскенбал, ми пријде мојата денешна колешка Кети Дончевска-Илиќ и ми предложи да се вклучам во претстава што се подготвуваше во Театар Куманово, а во текстот имаше детски лик. Без двоумење прифатив. Тоа беше „Ахасфер“ во режија на Ненад Витанов. Од тој момент мислата е постојано иста: театар. Следуваа и други претстави со помали или епизодни улоги, со реплика или статирање, но желбата е сѐ поголема. Особено место во моите спомени имаат студентските денови. Бев во класата на професорот Пројковски, учевме дека актерството не е само професија туку и постојано истражување на човекот и на светот околу него. Работевме напорно, многу често до исцрпеност, но секој ден носеше ново откритие, нов предизвик и нова причина повеќе да ја сакаш оваа уметност. Денес, веќе две години сум дел од ансамблот на Театар Куманово. Овде особено ме радува тоа што имам можност да играм речиси во сите претстави, и во вечерните и детските, таа постојана промена ме држи буден како актер. Ме тера постојано да барам нови начини на игра, нови бои и светови. Понекогаш, кога ќе излезам на сцена, се присетувам на детето што седеше во театарскиот салон и зачудено гледаше во актерите. Денес јас сум на местото на тие актери. И токму секоја претстава, за мене, е потсетник дека соништата навистина знаат да го пронајдат патот до сцената.
Од Вашата досегашна продукција, која е Ваша омилена улога? Сте играле ли во претстава на независен театар?
Сите мои улоги ми се омилени, само на различен начин. Некои ме освоиле веднаш, а за некои ми требало малку време да ги откријам. Но, кога ќе почнат пробите, ликот не е само текст на хартија, почнува да живее некако и незабележливо станува ваш. Секоја улога, за мене, има свој живот, своја оживеана приказна и своја убавина. Од првата проба почнувам да мислам за ликот каков е, од каде е, каков карактер е. И откако ќе стане дел од мене, тешко е да се издвои, но сметам дека секој актер посакува ликот да живее долго на сцената и тоа е најважното. Имам работено и на независна сцена, имам реализирано две детски претстави во Куманово, што, за мене, беше многу убаво и поинакво искуство, особено кога ја работевме „Приказна за една шума“ со мојот колега Матеј Стојковски. Тоа беше во времето на коронавирусот, под протоколи на отворено, но, сепак, тогаш први излеговме со премиера. Сметам дека независниот театар и независната сцена имаат особено значење за развојот на културата и на театарската уметност. Ме радува што сѐ повеќе се развиваат во последниов период, што има поголем интерес и што расте бројот на апликации за проекти.

Колку е тешко/лесно за актер што е дел од ансамблите на македонските театри надвор од главниот град да игра во претстави во Скопје? Колку се видливи младите актери за публиката и за театарската јавност? И што треба да се направи за да бидат почесто ангажирани на филм?
Не е лесно. За еден актер што е дел од ансамбл на театар надвор од Скопје, за да игра во претстава во некој од театрите во главниот град, најпрво треба да постои покана од страна на режисер или на театар. За жал, кај нас таквите можности не се толку чести. Сепак, сметам дека не треба да постојат граници меѓу театрите, затоа што секој театар е подеднакво важен. Потребна е поголема соработка, размена на претстави (гостувања), поголема поврзаност меѓу сцените. Театарот е жива уметност и токму преку тие соработки актерите добиваат нови искуства, а публиката има можност да види различни приказни и различни уметнички пристапи, да види некој друг наслов што во моментот го нема на репертоар на тој театар.
Сметам дека секогаш треба да им се дава простор на младите актери, и никогаш не е доволно тоа. Ние сме новата енергија и двигатели на театарот, оние што носат нови идеи, различни погледи и свежина на сцената. Публиката треба да има можност да ги запознае и да ги поддржи младите уметници бидејќи тие се иднината на театарот. Но, исто така, не сметам дека секогаш треба да ја чекаме шансата, ако не доаѓа таа, треба да најдеме начин сами да ја создадеме – преку идеи, проекти, иницијативи. Сфатив дека актерството бара жртва, истрајност, откажување и многу работа. Верувам дека кога имаш што да кажеш, патот до сцената може да се најде.
За филмот, како и за секоја сериозна продукција, првин треба да постојат отворени транспарентни кастинзи. Само на тој начин сите актери ќе имаат можност да се претстават и да бидат видени. Досега, јас лично немам сретнато многу кастинзи, најчесто се случуваат преку лични контакти. Отворениот и транспарентен кастинг ќе создаде поголема можност за младите и за сите актери. Филмот има потреба од нови лица, нова енергија и од различни актерски изрази.
Театар Куманово повеќе години се обновува. До каде е реконструкцијата и какви се сега условите?
За жал, Театар Куманово веќе неколку години е во процес на реконструкција. Не би сакал да зборувам за тоа во која фаза е во моментот бидејќи не е моја компетентност, но она што можам да го кажам е дека му треба нова зграда на овој град. Моите колеги и сите ние го заслужуваме тоа. Во овој момент, репертоарот го одржуваме во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Во зимскиот период, дел од претставите ги играме на малата сцена во домот, но тоа не е трајно решение. Мое мислење е дека треба што поскоро да се реши прашањето со објектот, бидејќи театарот не е само ансамбли, претстави, театарот е и простор во кој се создава. И покрај условите во кои работиме, треба да се истакне дека Театар Куманово продолжува да создава квалитетни претстави и да бележи успеси.

Како го гледате Вие или Вашата генерација актери театарот во Македонија?
Мојата генерација го гледа театарот како жива уметност, која постојано треба да се развива и да комуницира со времето во кое живееме. Новите театарски форми се важни бидејќи носат различни начини, различно изразување и отвораат простор за нови идеи. Но, без разлика на формата, најважно е театарот да остане искрен, храбар, да поставува прашања, да критикува. Треба да отвора теми и, пред сѐ, да комуницира со публиката. Само тогаш тој станува жива уметност што има свое значење и влијание во општеството.
Која е Вашата следна улога и во која претстава ќе може да Ве гледа кумановската публика?
Мојата следна улога ќе биде во претставата под работен наслов „Смрт на погреб“, во режија на Ненад Витанов. Наскоро почнуваме со процесот на подготовка. А премиерата ќе биде на отворањето на интернационалниот фестивал „Денови на комедијата“. Верувам дека ќе создадеме одлична претстава, која ќе ѝ понуди на публиката многу смеа, но и интересна приказна.
Наташа ИЛИЕВСКА-ТАНЕВСКИ











