Иван, кој е од помладата генерација талентирани музичари и кој е дел од составот на „Влатко Стефановски трио“, неодамна, во својот роден град, организираше вечер за долго памeтење, а сега издаде албум со еден тон емоции, со моќ во секоја нота, во секој акорд
Македонскиот кантавтор, мултиинструменталист и продуцент Иван Кукиќ (син на популарната музичко-брачна двојка Горан и Ленче Кукиќ) деновиве го објави новиот албум „Зачарани круг“ (Волшебен круг). На изданието има единаесет авторски песни и го продолжува неговиот препознатлив музички пат, на кој ги спојува различните жанровски влијанија и врвното музичко мајсторство. Со еден тон емоции и со моќ што ја носи во секоја нота, во секој акорд, познатиот македонски музичар Иван, кој е од помладата генерација талентирани музичари и кој е дел од составот на „Влатко Стефановски трио“, неодамна, во својот роден град организираше вечер за долго памeтење. Со бендот „YU for YOU“, на сцената во НУЦК „Антон Панов“ создаде двочасовна музичка приказна исполнета со одличен рокенрол, безвремени хитови и енергија што лесно се пренесе на присутните во салата. Публиката не се штедеше ниту во пеењето заедно со Иван и со бендот ниту во силното ракоплескање.
По албумот „Sunday vibes“, објавен во 2023 година, за „Кроација рекордс“, Кукиќ, и овој пат под закрилата на најсилната дискографска куќа (поранешен „Југотон“), се претставува со ново студиско издание на кое повторно го потврдува својот талент како композитор, аранжер, инструменталист и продуцент. Како автор и продуцент на албумот, тој собра врвна екипа музичари, кои со своите изведби дополнително го збогатија звукот на ова издание.
Покрај Иван Кукиќ, кој на албумот свири бас-гитара и акустична гитара и ги изведува вокалните делници, на албумот учествуваат и: Зоран Трендов на гитара, Влатко Сапламаев на клавијатури, Марјан Стоилов на тапани, Стојан Иванов на перкусии, Слободан Кржев на ритам-гитара и Кирил Кузманов на саксофон.
Особена тежина на албумот му даваат музичарите гости. Кирил Кузманов „гостува“ во песната „Одам“, Васко Тодоров во композицијата „Без компас“. Најинтересно и, можеби, најспектакуларно за многумина е што во песната „Молитва за љубав“ со Иван музицира легендарниот актер, пејач, поет и холивудска ѕвезда, Раде Шербеџија. Албумот е мастериран од Борис Шурлан во „Миднајт студио“, насловната фотографија е дело на Георги Кончалиев, додека за ликовното обликување е заслужен Оскар Пигац.
Сè на сè, покрај настапите со Влатко Стефановски, со овој нов албум Иван успешно го развива и сопствениот авторски пат низ музика, која ги спојува рокот, џезот, „world music“ и современиот кантавторски израз. Неговите познати родители имаат навистина со што да се гордеат. (фото-архива)











