Р. Р., припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, доби мерка притвор во траење од осум дена поради сомневање за извршено семејно насилство. Според информациите објавени од ТВ24, Р. Р бил приведен по пријава дека физички ја нападнал својата сопруга. Информацијата за притворот е потврдена од извори во Кривичниот суд, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како и од Министерството за внатрешни работи, објави ТВ24.
Р. Р бил активен на својата работна позиција како дел од претходницата на обезбедувањето на премиерот. Неговата сопруга, С. Р, е по професија докторка и сопственичка на приватна здравствена ординација.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека против него е поведена постапка за кривично дело за кое е предвидена затворска казна од шест месеци до три години. Надлежните органи работат на целосно расчистување на случајот.












