„Мислам дека писателите, на некој чуден и малку луд начин, си припаѓаат едни на други. Нашите души си припаѓаат една на друга – тие души кои, во овој изгубен и збунет свет, сè уште трагаат по смисла и убавина. Можеби книжевните фестивали сè уште можат да ни го дадат токму тоа: чувството дека не трагаме сами“, вели Габриела Бабник Уатара во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, словенечка романсиерка, преведувачка и уредничка. Таа учествуваше на годинашниот Интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“ во Скопје, а со неа разговаравме за улогата на фестивалите, литературата, идентитетот…

Даниела ТРАЈКОВСКА

Габриела Бабник Уатара е словенечка романсиерка, книжевна критичарка, преведувачка, уредничка и менторка за креативно пишување. Магистрирала на Универзитетот во Љубљана на тема современ нигериски роман и е еден од водечките гласови на современата словенечка книжевност, особено во областите на постколонијалната книжевност, идентитетот, миграцијата и интеркултурниот дијалог. Авторка е на седум романи и на две збирки раскази. Нејзиниот роман „Сушна доба“ ја доби Европската награда за литература во 2013 година и е преведен на шеснаесет јазици, меѓу кои и на македонски. Покрај прозното творештво, таа е и истакната книжевна критичарка и преведувачка, позната особено по тоа што на словенечките читатели им ги претставува делата на африкански автори. Извршувала значајни функции во Друштвото на словенечките писатели и во Словенечката агенција за книга, била кураторка на книжевни фестивали, предавала словенечки јазик и книжевност и редовно води работилници за креативно пишување. Таа е и основачка на независната издавачка куќа „Хирондел“, посветена на повеќејазичната книжевност и на книжевната размена меѓу Централна Европа, Африка и арапскиот свет. Таа е и уредничка на книжевната платформа „Јантарна ластовичка“, која промовира меѓународна книжевност, книжевна критика и културен дијалог.

Вие сте годинашен учесник на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ во Скопје. Што можат да понудат книжевните фестивали денес, во време кога авторите и читателите можат виртуелно да се сретнат од каде било? Што останува незаменливо во средбата во живо?

Можеме да се вљубиме, и не мислам само во класичната смисла на зборот. Можеме да се вљубиме во книга. Во прошетка. Во одредена светлина над чаша вино. Во разговор, во град, во една реченица. Исто така мислам дека писателите, на некој чуден и малку луд начин, си припаѓаат едни на други. Нашите души си припаѓаат една на друга – тие души кои, во овој изгубен и збунет свет, сè уште трагаат по смисла и убавина. Можеби книжевните фестивали сè уште можат да ни го дадат токму тоа: чувството дека не трагаме сами.

Што може да направи литературата, а политиката, медиумите или академијата не можат, кога станува збор за разбирањето на „другиот“?

Литературата поседува јазик што политиката, медиумите, па дури и академијата го немаат. Таа може да навлезе во интимноста, противречностите и непријатноста, без да мора да ги поедноставува. Понекогаш литературата мора да биде болна и бескомпромисна. Мојот најнов роман, „Носталгија за иднината“, е псевдобиографски роман за Ивана Кобилца, првата професионална словенечка сликарка, која живеела на преминот од XIX во XX век. Во Словенија имаме чувство дека знаеме сè за неа. Нејзиниот лик дури се појавуваше и на една од нашите банкноти. Сепак, многу малку луѓе знаат дека во Словенија систематски била дискредитирана и дека, за да преживее како уметница, околу педесет години живеела во странство. И литературата може да го направи токму тоа: повторно да му пристапи на навидум добро познат лик и да го открие делот од приказната што националниот наратив претпочитал да го заборави.

Често зборуваме за културен дијалог, но може ли литературата навистина да ги надмине културните граници или понекогаш само го потврдува она што веќе сакаме да го веруваме за другите?

Мислам дека тоа многу зависи од литературата и од книжевниот жанр за кој зборуваме. Јас секогаш им верувам на искреноста, директноста и, понекогаш, на критиката. Не мислам дека литературата треба само да го потврдува она во што веќе веруваме. Литературата треба малку да нè вознемири. Сметам дека таа исто така мора да боли, барем понекогаш.

Во Вашето книжевно творештво постојано се навраќате на теми како идентитетот, миграцијата, другоста и културната разновидност. Што ве привлекува толку силно кон овие теми и што е она за кое сè уште чувствувате дека не сте успеале да го кажете?

За мене, овие теми не се апстрактни. Во брак сум со маж од Буркина Фасо и имаме три деца, па прашањата за расата, припадноста, миграцијата и идентитетот се дел од моето секојдневие. Особено ме интересира источноевропското искуство со расизмот – општествата што често веруваат дека расизмот е нешто што се случува некаде на друго место, а притоа и самите создаваат сопствени форми на исклучување. Сè уште ме интересира начинот на кој расизмот навлегува во интимноста, во семејниот живот, во љубовта и во начинот на кој гледаме едни на други.

Што било пресудно во Вашиот прв контакт со африканската книжевност и како тоа го променило начинот на кој ја гледавте литературата?

Мојот интерес почна конкретно со нигериската книжевност, а не со африканската книжевност воопшто. Студирав на Универзитетот во Ифе, во Нигерија, и тоа искуство го промени и начинот на кој ја разбирав Европа и начинот на кој ја разбирав литературата. Нигериската книжевност ми покажа дека постојат и други центри, други книжевни традиции, други начини на раскажување на стварноста. Литературата зборува на јазик што ниеден друг медиум не го поседува. Понекогаш тој јазик е болен и бескомпромисен. Ниеден друг медиум не поседува сосема ист таков јазик.

Вашиот роман „Сушна доба“ ја доби Наградата за литература на Европската Унија и е преведен на повеќе јазици. Што се случува со едно дело кога ќе го напушти својот изворен словенечки контекст и ќе почне да живее во други јазици и култури?

„Сушна доба“ е преведен на шеснаесет јазици. Мојата литература влегува во различни јазици, каде што се чита на сосема свои, различни начини. Тоа значи дека една книга може да има повеќе различни домови. А пред сè, ми се допаѓа идејата дека книгата живее независно од својот автор. Таа има свој сопствен живот.

Дали преводот некогаш ви открил нешто ново за Вашата книга што не сте го забележале додека сте ја пишувале?

Можеби тоа значи и дека не чувствувам дека навистина ги поседувам своите книги. Сè повеќе чувствувам дека, како авторка, сум само еден вид медиум и дека одредени приказни, едноставно, мора да бидат раскажани. Додека ја пишував „Тишина, полна со ветер“ (Tišina, polna vetra, Beletrina, 2022) – роман за Шарл Бодлер и Жан Дивал, првата црномуреста муза во историјата на светската книжевност, која ја инспирирала една од најпознатите поетски збирки на сите времиња, „Цвеќиња на злото“ (Les Fleurs du mal) – ми се случи нешто. Во четири часот наутро, некој ме погали. Кога се разбудив, немаше никој. Станав и ја напишав првата страница од романот. До ден-денес сум убедена дека токму Жана Дивал ме разбудила и ми рекла: „Оди и пишувај. Дојде моето време“. Дури откако го завршив романот, сфатив дека истата година се одбележувала 200-годишнината од раѓањето на Бодлер.

Основавте независна издавачка куќа посветена на повеќејазичната книжевност и на размената меѓу Централна Европа, Африка и арапскиот свет. Што Ве поттикна да создадете сопствен простор за ваков вид книжевна размена?

Ми требаше тој простор на слобода. И не само затоа што за мојата книга „За ангелите, за да не им биде досадно“ (Za angele, da jim ne bo dolgčas) најпрво бев обвинета дека еден дел е премногу еротски, а потоа и дека си земам премногу уметничка слобода во мојата реинтерпретација на вистински историски личности кои живееле за време на Втората светска војна. Но што друго ни останува нам, на уметниците, освен таа внатрешна слобода — и со неа, преку уметноста, една носталгична и малку тажна форма на отпор кон злото, како што би рекол Лоренс Дарел? Во еден момент, едноставно, си помислив: по ѓаволите со целата таа словенечка книжевна сцена, која е задушлива и постојано ги става истите луѓе во преден план. Јас ќе си одам по својот пат“. На почетокот, луѓето беа збунети. Дали на книжевните престои и конференции се појавував како претставничка на „Белетрина“? Не, постојано им велев, јас имам своја издавачка куќа. Микроиздавачка куќа. Една прекрасна, нежна мала издавачка куќа. Се вика „Хирондела“, по ластовичката – птица која, на еден многу словенечки начин, во себе носи одреден копнеж. Таа сака да одлета некаде на друго место, особено кон глобалниот југ, каде што може да се стопли. Интелектуално и емотивно. Самодовербата ми порасна кога една египетска издавачка ми рече дека ги сака авторите кои стануваат издавачи.

Фото: Сашо Димоски

ИЗДВОЕНИ