среда, септември 16, 2026
Дома КУЛТУРА Врачена наградата „Прозарт“ на 14. „Про-за Балкан“; Лауреатот Драган Великиќ: Писателот создава...

Врачена наградата „Прозарт“ на 14. „Про-за Балкан“; Лауреатот Драган Великиќ: Писателот создава своја верзија на реалноста

1

Вистинскиот пејзаж во кој се подготвува судбината на секој поединец не зависи само од него. Не ги избираме ниту јазикот ниту нацијата во која се раѓаме. Не ги избираме ниту времето ниту просторот во кој ќе го поминеме земскиот живот. Но, го избираме својот пат, го избираме начинот на кој ќе поминеме под ѕвездите, рече еден од најзначајните, најпреведувани и најпрепознатливи современи српски писатели, Драган Великиќ, во своето обраќање по повод добивањето на наградата „Прозарт“, која му ја додели интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, вчеравечер, во Музејот на Град Скопје. Зборувајќи за своето книжевно искуство, тој се осврна и на моќта на книгите и на преводот да создаваат нови простори меѓу луѓето и културите и им се заблагодари и на македонските преведувачи на неговите дела – Димитар Башевски, Јелена Лужина и Ристо Лазаров.

Во својот говор, тој зборуваше и за човекот, времето и просторот во кој го живее својот живот, но и за улогата на писателот во разбирањето на светот.

– Нема една, непоместлива, кохерентна вистина. Само интерпретации, но не како чисто рационална одредница, туку и како емотивно доживување, кое се менува во зависност од начинот на кој разбираме некои работи. Писателот, всушност, го декодира светот околу себе, создава некоја своја верзија на реалноста, која, доколку е писателот со дарба и сила, може да биде интересна и за читателите во времињата што допрва доаѓаат – заклучи Великиќ.

Наградата „Прозарт“ му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, кој во своето обраќање истакна дека богатото животно и книжевно искуство на Великиќ е длабоко вткаено во неговата литература.

– Своето навистина богато искуство во пишување го покажуваш во својата литература. Има една поговорка дека врвните писатели се хранат од своето животно искуство и од книгите. Кај тебе е тоа судбина – ти се храниш од книгите, но и од твојот сопствен живот. Она што им го даваш на читателите е твојата литература. Затоа со огромно задоволство ти ја даваме наградата – рече Прокопиев.

Фестивалот го затвори основачот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој им се заблагодари на сите учесници и соработници и направи паралела меѓу храната и литературата, повикувајќи се на популарниот готвач Ентони Бурдејн.

– Добрата храна, доброто јадење, тука се работи за крв и органи, суровост и распаѓање. И суштината на добрата литература е таква – доаѓа по видливите слоеви: сурова, гола, пријатна, убава и неубава. Овие денови видовме дел од таквата литература, за што им благодарам на гостите – рече Трајкоски.

ИЗДВОЕНИ