среда, септември 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА На штикли тешко се стигнува до функции!

На штикли тешко се стигнува до функции!

1
Квотите ја исполнија целта, на ред за жените се министерските и градоначалничките функции. Потребни се соодветни политики за да се промени ова, а прва адреса се политичките партии, но и изборното законодавство. Ова беше потенцирано вчера, на конференцијата посветена на унапредувањето на изборното учество на жените. Пратеничката Жаклина Пешевска потсети дека има заложби за изедначување на квотите на кандидатските листи. “Своевремено во Собранието биле собрани 97 потписи за да се зголеми квотата на 50:50 проценти за мажи и за жени како кандидати за советници и за пратеници. Но, тоа не се ефектуира во Изборниот законик. Немаше консензус на политичките партии да се зголеми квотата. Има и предлог, во случај на отворени листи, да се гласа за еден маж и за една жена и во таква ситуација би се дошло до соодносот 50:50 проценти, укажа Пешевска. Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ, нагласи дека е потребно да се премине од формална еднаквост на жените кон нивно суштинско учество

 

Жените се соодветно застапени на кандидатските листи за пратеници и за општински советници, но тоа не резултира со нивна соодветна застапеност како министри во Владата или, пак, како градоначалнички на некоја од општините во земјава. Очигледно е дека во Македонија уште постои длабок јаз кога се работи за унапредувањето на изборното учество на жените, а што води кон инклузивна и стабилна демократија. Потребни се соодветни политики за да се промени ова, а прва адреса се политичките партии, но и изборното законодавство. Ова беше потенцирано вчера, на конференцијата посветена на унапредувањето на изборното учество на жените, организирана од Државната изборна комисија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и швајцарската програма за изборна поддршка, спроведувана преку Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС.

Врз примерот на гласањето на локалните избори во земјава во 2025 година, изнесена е оцена дека не постои само јаз кога се работи за изборот на одредени функции туку и кога се работи за излегувањето на гласање на мажите и на жените во одредени општини и региони.

Јаз меѓу општините

-Иако податоците од единствениот избирачки список покажуваат дека на него има само 500 жени помалку од бројот на мажи, бројките откриваат сериозен родов јаз во однос на излезноста на гласање во одредени општини и региони. Конференцијата ќе ни биде патоказ ДИК да преземе мерки за отстранување на бариерите за остварување на правото на глас. Учеството на жените е суштинско за легитимирање на изборниот процес. Демократијата не се мери само со денот на изборите туку и колку е инклузивен процесот за сите општествени групи како, на пример, лицата со попреченост, лицата во домови за живеење… – нагласи Абуш Демири, потпретседателка на ДИК.

Сликата за постоење јаз кога се работи за излегувањето на жените на избори ја покажа Дитмире Шеху, членка на ДИК.

– Излезноста на гласањето на ланските локални избори покажала дека гласале 48,4 проценти жени наспроти 51,6 отсто мажи. Најголем јаз во излегувањето на гласање бил забележан во помалите општини. Во Пласница гласале 67,5 отсто мажи и 38,5 отсто жени, во Студеничани 52,2 отсто мажи и 40,8 проценти жени, во Арачиново 58,3 отсто мажи и 41,7 отсто жени… Истовремено со ова, во општините каде што живеат повеќе жени од мажи, излезноста на жените била поголема. На пример, во Карпош гласале 52,6 отсто жени и 47,40 мажи, а во Аеродром 52 отсто жени и 48 проценти мажи. Во другите општини имаме речиси исти бројки за излезноста меѓу мажите и жените. Гласањето не е само бројката, жените имаат одговорност кон иднината на државата и учество во градењето на приоритетите. Не е доволна само формална гаранција за гласање туку и да се има чувство на слободен избор при гласањето – потенцира Шеху.

Потежок пат до кандидатури

Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ, нагласи дека е потребно да се премине од формална еднаквост на жените кон нивно суштинско учество.

– Ако не го гледаме јазот, не можеме да го надминеме. Да го зајакнеме учеството на жените и да се дефинираат политиките за подобрување. Сликата од 49 проценти жени и 51 процент мажи значително се менува кога ќе се види учеството на жените, кое е далеку под прагот на правично учество. Имаше 45 проценти кандидатки на листите за општински совети, но тоа не значеше дека ќе влезат во советите. Само 10 проценти од жените беа меѓу кандидатите за градоначалнички. Тоа е јазот меѓу формалното и суштинското учество. Потребно е зголемување на нивното учество. Ваквите практики го одвраќаат учеството на жените – потенцира Вал.

И амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Сомер, нагласи дека треба да се дефинираат политиките за унапредување на учеството на жените како донесувачи на одлуки.

На локалните избори во Македонија во 2025 година имаше вкупно 32 жени кандидатки за градоначалници од вкупно 309 кандидати, што претставуваше само 10,35 проценти од вкупниот број пријавени кандидати. На крајот, меѓу 81 новоизбрани градоначалници, имаше само четири жени: во Кисела Вода, Македонска Каменица, Неготино и во Демир Капија. Со важечкиот изборен модел во земјава, гарантирана е застапеност од најмалку 40 проценти за секој пол на листите за пратеници и за општински советници. На секои три места на листите, задолжително мора да има барем по едно место за помалку застапениот пол, односно за жените. Во случај на кандидирање за градоначалници, нема законска обврска за 40 процентна застапеност. Во 24-члениот состав на македонската Влада има само три жени министерки, а во Собранието над 40 отсто од пратениците се жени.

Пратеничката во македонското Собрание, Жаклина Пешевска, која е и претседателка на Комисијата за еднакви можности, рече дека Македонија е позитивен пример кога се работи за застапеноста на жените на листите.

– Воведените квоти ја исполнија својата цел имаме 40 процентна застапеност на жените во изминативме мандати но тоа не се ефектуира во однос на бројот на жените министерки и жени – градоначалнички. Жените потешко стануваат кандидати во партиските редови. Не е само да седнеш на маса со мажи, потребна е и најважана упорноста најважна. Откако ќе бидат номинирани жените добиваат помал простор за рекламирање, жената мора трипати повеќе да работи од мажите за добивањето на функцијата – потенцира Пешевска.

Рамноправната застапеност чека на прифаќање

Пратеничката  Пешевска потсети дека има заложби за изедначување на квотите на кандидатските листи.

– Своевремено во Собранието биле собрани 97 потписи за да се зголеми квотата на 50:50 проценти за мажи и за жени како кандидати за советници и за пратеници. Но, тоа не се ефектуира во Изборниот законик. Немаше консензус на политичките партии да се зголеми квотата. Има и предлог, во случај на отворени листи, да се гласа за еден маж и за една жена и во таква ситуација би се дошло до соодносот 50:50 проценти – укажа Пешевска. (Б. Ѓ.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ