Брисел со имагинација на завидно ниво кога има политички и стратешки интерес
Европската Унија отвора врата кон досега непозната формула на „придружно членство“ за Канада, за Западен Балкан повторно нуди патокази и ветување дека процесот ќе се темели на заслуги. Регионот, кој со години чека на интеграција, останува во неизвесност. За Македонија, европскиот пат и натаму е обележан со нови услови, политички блокади и долго чекање. Во меѓувреме, ЕУ најавува нова безбедносна структура, поотпорна европска економија и стратешки партнерства со земји надвор од Европа. Во својот говор во Европскиот парламент во Стразбур, претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, предложи и воспоставување итен европски безбедносен протокол, инспириран од механизмот од член 4 на НАТО
Канада да стане првата „придружна членка“ на Европската Унија – тоа е новата идеја што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја лансираше денеска од говорницата на Европскиот парламент во Стразбур, во присуство на канадскиот премиер Марк Карни. Фон дер Лајен рече дека ЕУ сака „да го подигне нивото на односи со Канада на највисоко можно ниво“ и дека Канада и ЕУ мора „итно да ги редефинираат“ своите односи. За Фон дер Лајен, Канада е земја која споделува европски вредности, а односот со неа е „сојуз за иднината“ во нов свет во кој мора да се изградат „глобални коалиции“ за отпорност на демократиите.
– Драг Марк, реков дека мора итно повторно да ги осмислиме нашите партнерства. Затоа, би сакал да работам со тебе на отворањето на вратата за Канада да стане првата придружна членка на ЕУ. Делиме еден океан, еден заеднички сет на вредности и еден начин на гледање на светот. А сега ќе ја градиме и нашата заедничка иднина – ти благодарам што си тука, му рече Фон дер Лајен на Карни, кој води трговска војна со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
На оваа покана од Фон дер Лајен ѝ претходеше и изјавата на канадскиот премиер од пред неколку дена, кога тој изјави дека Канада сака „единствен сојуз со Европската Унија“.
– Не сакаме да станеме членка на Европската Унија, тоа што го бараме и за што ќе почнеме да зборуваме е уникатен сојуз меѓу Канада и Европската Унија. Ги споделуваме истите вредности, имаме исти приоритети, а нашите силни страни се многу комплементарни, изјави тој.
Чувство на припадност
Додека ЕУ размислува за нови формати на партнерство и за сопствено стратешко реструктуирање, Западен Балкан повторно останува некаде на маргините на големата европска слика. Регионот, кој со години ја слуша истата порака за „европска перспектива“, сега добива уште еден патоказ, додека вниманието на Унијата се пренасочува кон нови геополитички приоритети. Украина и Молдавија веќе се дел од новата европска динамика, иако едната земја се соочува со војна, а двете имаат понезавидни политички и безбедносни околности од земјите на Западен Балкан.
Фон дер Лајен од Стразбур најави дека ќе бидат подготвени „патокази за најнапредните кандидати“, но без да прецизира кои кандидати ќе бидат опфатени и со каква динамика. За Македонија, ваквата европска неопипливост е особено позната – земјава со години чека напредок, додека условите се менуваа и се надополнуваа. Промената на името, барањето за уставни измени и долгогодишните политички блокади станаа симбол на процес во кој целта постојано се поместува. Сепак, претседателката на ЕК упати надежни пораки за „чувство на припадност“ и за живоста на европската идеја.

– Сето ова ни покажува што може Европа да постигне во она што е навистина важно. Но, исто така, мора повторно да ги освоиме срцата на Европејците. Да создадеме чувство на припадност кон нешто што нè надминува. Припадност кон заеднички дом. Сигурност дека ние, Европејците, секогаш ќе бидеме тука едни за други. Зашто доволно е да погледнеме надвор од нашите граници за да разбереме колку оваа европска идеја е сè уште жива. Доволно е да погледнеме кон Украина и Молдавија. Кон Западен Балкан. Доволно е да ги погледнеме сите овие земји блиску до нашата Унија. И бидејќи нивната иднина е во нашата Унија, наскоро ќе предложиме патокази за најнапредните кандидати. Овој процес ќе продолжи да се заснова на заслугите. И, почитувани пратеници, повторувам: почитувањето на нашите вредности не е предмет на преговори, рече Фон дер Лајен.
Таа рече дека била ужасната од сцените од погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ во Белград, и порача дека „величањето воени злосторници нема место во Европската Унија“.
– Бев ужасната од сликите од погребот на Ратко Младиќ во Белград минатата недела. Тој ги извршил едни од најстрашните злосторства против човештвото. Глорифицирањето на воените злосторници, едноставно, нема место во Европската Унија. Сите жртви на војните во поранешна Југославија заслужуваат да бидат запаметени, а сите нивни семејства ја заслужуваат нашата сочувствителност. Зашто, токму тоа го браниме како Унија: вистината, правдата и почитувањето на нашите вредности, рече Фон дер Лајен.
На почетокот од својот говор пред Европскиот парламент во Стразбур за состојбата на Европската Унија и приоритетите за следната година, претседателката на Европската комисија изјави дека ЕУ е посилна од кога било, но и најнестабилна досега посочувајќи дека во ова сложено време, Унијата избрала да оди по свој пат.
Таа го цитира описот на Чарлс Дикенс за деновите на Француската револуција како „најдобри времиња, но и најлоши времиња“ додавајќи дека исто е и во денешниот свет и дека брзината на промените е неверојатна.
Фон дер Лајен изјави дека Европската Унија избрала да се бори против „токсичното влијание“ на Русија, да застане на страната на Украина, која се бори за својата иднина и за европската безбедност, како и да застане на страната на Гренланд.
Итен безбедносен протокол
Втората голема промена што ја најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се однесува на безбедноста и на одбраната на Европската Унија. Фон дер Лајен предложи воспоставување итен европски безбедносен протокол, инспириран од механизмот за консултации од член 4 на НАТО.
– На Европа ѝ треба сопствен прирачник за спротивставување на хибридните закани, порача таа, посочувајќи дека заканите веќе не доаѓаат само во форма на класична воена агресија.
– Сајбер напади, саботажи, пожари и упади со беспилотни летала се дел од новиот спектар на закани со кои се соочуваат европските земји, оцени претседателката на Комисијата.
Според нејзиниот предлог, кога некоја членка ќе процени дека нејзината безбедност е сериозно загрозена, би можела да го активира протоколот и да побара итни консултации со останатите членки.
– Итно ни треба консензус за тоа како да реагираме, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека целта е Европа да може побрзо и поефикасно да одговори на хибридните закани.
Овде не станува збор за создавање европска копија на членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој предвидува колективна одбрана. Наместо тоа, идејата е да се воспостави механизам за заеднички консултации, координација и реакција во ситуации кога безбедноста на една земја членка е под сериозна закана.
– Ако една земја членка е нападната или сериозно загрозена, Европа мора да биде способна да реагира заедно, порача Фон дер Лајен и најави создавање Европски совет за безбедност, кој би требало да стане место за координација на европскиот одговор на новите безбедносни предизвици.
Во него, покрај земјите членки на ЕУ, би можеле да бидат вклучени и блиски европски партнери, меѓу кои Обединетото Кралство, Канада и Норвешка, како и Украина.
Енергетска независност на Европа
Во говорот, Фон дер Лајен истакна и дека заживувањето на европската економија е врвен приоритет за Унијата. Како дел од економската агенда, Фон дер Лајен стави акцент и на зголемувањето на конкурентноста на европските компании, олеснувањето на условите за работење и намалувањето на административниот товар. Таа нагласи дека Европа мора да создаде услови за поголеми инвестиции, иновации и индустриски раст, но истовремено да ги заштити стратешките индустрии од нелојална конкуренција.
– Нашата економија го издржа влијанието на војните на Блискиот Исток подобро од очекуваното. А невработеноста е на речиси рекордно ниско ниво. Но, притисокот од повисоките цени на енергијата и трошоците за задолжување го чувствуваат и луѓето и бизнисите. Ќе треба да се направи јасен избор во финансиската сфера за да се обезбеди фискална одржливост, а во исто време, да се заштитат инвестициите. Затоа заживувањето на европската економија е наш врвен приоритет, рече таа.
Посебен проблем, според неа, остануваат високите енергетски трошоци, кои директно ја намалуваат конкурентноста на европските компании и го зголемуваат товарот врз домаќинствата. Затоа, една од целите е обезбедување подостапна енергија и поголема енергетска независност на Европа. Фон дер Лајен истакна и дека европската економија мора да стане поотпорна на надворешни шокови и зависности, со поголеми вложувања во европските технологии, индустрија и стратешки сектори. Паралелно со тоа, Комисијата најавува натамошно поедноставување на европските правила за компаниите, со цел да се намалат бирократијата и трошоците за работење.
Во своето обраќање, Фон дер Лајен ги отвори и темите за вештачката интелигенција и европската технолошка конкурентност, дигитализацијата, енергетиката и индустрискиот развој, поддршката за земјоделците, домувањето и трошоците за живот, како и зајакнувањето на европската одбрана и безбедност. Говореше и за миграцијата, заштитата на надворешните граници, поддршката за Украина и односите со глобалните партнери, како и за идното проширување на Европската Унија. Посебен акцент стави на потребата Европа да биде посамостојна, поконкурентна и побезбедна, во услови на големи геополитички и економски промени.
Вчерашниот говор на Фон дер Лајен и пораките што таа ги испрати оставаат впечаток дека европската архитектура може брзо да се приспособува кога тоа го бараат стратешките интереси на Унијата, но многу потешко кога станува збор за интеграцијата на Балканот. Останува отворено прашањето дали Западен Балкан и Македонија ќе бидат дел од големото европско реструктуирање – или уште долго ќе останат во европската чекална. (В. С. Н.)
Анкета: Многу граѓани на Франција, Германија и Шпанија немаат поим која е Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен не успеа да ги освои срцата и умовите на граѓаните на ЕУ, ако воопшто ја познаваат. Во анкетата на „Политико“ спроведена од агенцијата за анкети „Паблик фрст“ во три земји од ЕУ, само околу еден од пет испитаници во Германија и Шпанија рекле дека претседателката на Европската комисија добро си ја врши работата. Во Франција бројката била само 12 проценти.
Речиси една третина од испитаниците во Шпанија и Франција, како и 45 % од оние во Германија, рекле дека Фон дер Лајен лошо си ја врши работата. Негативната оцена во матичната земја на Фон дер Лајен е во голема мера поттикната од луѓе кои велат дека би гласале за крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), при што повеќе од половина од тие гласачи ја опишуваат нејзината работа како „многу лоша“.
Во Франција и Шпанија, значително повеќе луѓе велат дека ја оценуваат нејзината работа ниту како добра ниту како лоша, немаат мислење за ова прашање или никогаш не слушнале за неа. Повеќе од еден од пет испитаници од Франција рекле дека не знаат која е Фон дер Лајен, во споредба со 10 % во Шпанија и само 5 % во Германија.
Истражувањето е објавено само неколку часа пред Фон дер Лајен да ја претстави својата визија за иднината на блокот во нејзиното годишно обраќање за состојбата на Унијата. Анкетата била спроведена помеѓу 13 и 15 септември и анкетирала повеќе од 2.000 возрасни лица во Франција, Германија и Шпанија.












