среда, септември 16, 2026
Дома КУЛТУРА За „Синтакса на постоењето“ Даниела Андоновска-Трајковска ja доби наградата „Даница Ручигај“ за...

За „Синтакса на постоењето“ Даниела Андоновска-Трајковска ja доби наградата „Даница Ручигај“ за 2026

18

На Конкурсот за наградата за најдобра необјавена поетска книга, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, годинава учествуваа 12 авторки и автори со своите поетски дела, а „Синтакса на постоењето“ на Андоновска-Трајковска се издвојува со спојот на реалното и ониричното, како и со внимателно изграден поетски јазик со изразена семантичка густина

Наградата „Даница Ручигај“ за 2026 година е доделена на поетската книга „Синтакса на постоењето“ од Даниела Андоновска-Трајковска. На Конкурсот за наградата за најдобра необјавена поетска книга, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, годинава учествуваа 12 авторки и автори со своите поетски дела, а одлуката ја донесе жири-комисија во состав: Ана Пејчинова (членка), Петре Димовски (претседател) и Ахмет Селмани (член), која со два гласа „за“ и еден „против“, ја донесе одлуката за наградениот ракопис.

-Во ракописот ‘Синтакса на постоењето’ од Даниела Андоновска-Трајковска се отвора вечната борба меѓу доброто и злото, светлината и темнината. Поетесата го следи нивното присуство и дејствување низ времето, градејќи симболички свет во кој доброто се јавува како сила што му се спротивставува на злото и настојува да го потисне. Иако злото често настапува ненадејно и прикриено, маскирано во навидум безопасни облици и проследено со измама, доброто останува непоколебливо и го потврдува човековото настојување кон морално и достоинствено постоење, стои во образложението на Комисијата за наградениот ракопис.

Се додава и дека „Синтакса на постоењето“ се издвојува со спојот на реалното и ониричното, како и со внимателно изграден поетски јазик со изразена семантичка густина.

-Самиот наслов на книгата е нетипичен и функционално клучен за нејзиното читање: нè воведува во онтолошкиот простор на човековото постоење и во неговите внатрешни закономерности. Поетскиот свет на книгата се гради преку контрасти и парадокси, со чие посредство авторката ги отвора прашањата за човекот, неговото постоење и потрагата по смисла. Токму во единството на тематскиот слој, поетскиот јазик и специфичната имагинативна структура, Комисијата ја препознава вредноста на ракописот и причината поради која му ја доделува наградата ‘Даница Ручигај’ за 2026 година“, истакнува Комисијата во образложението.

Инаку, од пристигнатите 12 дела, во потесниот избор, покрај ракописот на Андоновска-Трајковска, беа избрани и: „Луцидна тагорадост” – Владо Јаневски, „Зачин на летата” – Томислав Османли, „Лирска емигрантка” – Ирена Павлова де Одорико и „Анемона” – Христо Петрески.

Добитничката на наградата ќе добие плакета (повелба), а победничката стихозбирка ќе биде објавена во едицијата „Даница Ручигај“, што ја издава Друштвото на писателите на Македонија.

Ова е второ издание на конкурсот во формат во кој се наградува необјавен поетски ракопис. Прва добитничка беше Александра Јуруковска, наградена за ракописот „Ткажалки“, стихозбирка со која започна едицијата „Даница Ручигај“.

Конкурсот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.

ИЗДВОЕНИ