– Голема е честа да се биде вреднуван од високо почитуваната издавачка група „Сиал Пигмалион“, која му дава меѓународна видливост на моето дело „Витрувијански човек 21“ и го потврдува неговото значење во литературниот свет. Инаку, оваа моја двојазична книга на шпански и на италијански јазик излезе од печат кај реномираниот книжевен издавач „Papel y lápiz editorial casa“ од Колумбија. За оваа книга може да се каже дека е интернационален преведувачки проект, бидејќи ја препејуваа повеќемина еминентни поети и преведувачи од повеќе страни на светот – вели поетот и есеист Борче Панов, со кого зборувавме, по добивањето на престижната награда „Сиал Пигмалион“ во Шпанија, за глобалниот успех на неговата збирка, за „чипираното“ битие на денешницата и за тажната реалност на македонскиот писател, кој е поценет во светот отколку дома

 

Неодамна добивте престижна награда на интернационален книжевен фестивал во Шпанија. Може ли да ни кажете нешто повеќе за наградата, фестивалот на кој учествувавте и за книгата со која се претставивте?

 – Мојата двојазична книга „Витрувијански човек 21“ ја освои интернационалната награда „Сиал Пигмалион“, ѝ беше доделена на 28 март оваа година, на интернационалниот книжевен фестивал „Никита Станеску“ во Мадрид Гадафе.

Наградата е признание од една од најважните издавачки куќи – „Пигмалион“ во Шпанија, а мојата книга беше избрана како најдобра помеѓу 25 книги од неколку земји, и тоа: Шпанија, Франција, Србија, Колумбија, Мексико, Перу, Италија и други. Инаку, оваа издавачка куќа секоја година доделува значајни награди за литература во светот, меѓу кои и меѓународната награда за литература „Сиал Пигмалион“, но и награди како меѓународната награда за литература „Рубен Дарио“, меѓународната награда за африканска литература „Хусто Болекија Болека“, наградите „Густаво Адолфо Бекер“, меѓународната награда „Вирџинија Вулф“ и други. Според мојот издавач, како и мојот преведувач на италијански јазик, Елизабета Баљи, голема е честа да се биде вреднуван од високо почитуваната издавачка група „Сиал Пигмалион“, која му дава меѓународна видливост на моето дело и го потврдува неговото значење во литературниот свет. Инаку, оваа моја двојазична книга на шпански и на италијански јазик излезе од печат кај реномираниот книжевен издавач „Papel y Lápiz Editorial Casa“ од Колумбија. За оваа книга може да се каже дека е интернационален преведувачки проект, бидејќи ја препејуваа повеќемина еминентни поети и преведувачи од повеќе страни на светот, од англиски (во превод од македонски на проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска) на шпански јазик: Алваро Мата Гије од Сан Хозе од Костарика, Марлене Пасини од Мексико, Мариела Кордеро од Венецуела, Клеопатра Филипова од Шпанија, Вели Богоева од Шпанија, Емилио Паз од Лима, Наде Поп Гаврилова од Македонија и Жермен Дрогенброт од Белгија.

Со оглед дека се работи за поезија, што е темата што ја обработувате во Вашите песни и што Ве инспирираше да ја напишете книгата?

– Пред повеќе од триесетина години, на едни „Струшки вечери на поезијата“, бев во друштво со неколкумина значајни, тогаш млади поети, од некои од бившите југословенски републики. Разговаравме за тоа зошто книжевноста што се создава на бившите југословенски простори создава високи книжевни вредности. Тогаш им кажав дека според мое мислење, тоа е затоа што постојано живееме под закана од разни војни и една сеопшта бесперспективност и дека инстинктот да се преживее не само во физичка туку и во духовна смисла создава основа писателот до крајна мера да ја искористи силата на својот талент, кој создава потресни и трајни дела. За жал, таквите состојби и ден-денес не се надминати и како никогаш досега, постојано живееме под заканите на жестоките современи војни, егзодусот на цели народи, геноцидот, дури и со закани за употреба на атомски бомби, нешто за што до пред една или две децении мислевме дека е во некаква фаза на разоружување и демонтирање. Згора на тоа, сите сме жртви на глобалните економски потреси што сѐ повеќе ни ја наметнуваат сиромаштијата како грдо секојдневие и кризи. Да не ја заборавиме овде и ужасната пандемија со ковидот и така натаму.

Зошто е насловен овој избор на Вашата поезија на шпански и на италијански јазик „Витрувијански човек 21“?

– Како што е познато, витрувијанскиот човек е цртеж од Леонардо да Винчи што тој го нацртал во чест и спомен на познатиот римски писател, архитект и инженер Марко Витрувиј Полион, кој живеел и работел во првиот век пред нашата ера, а кој е познат поради својот концепт за совршените пропорции и симетријата на човечкото тело, кои станале темел на класичната архитектура. Овие принципи на симетрија и пропорција Витрувиј ги сметал за клучни при проектирањето храмови и јавни градби, верувајќи дека архитектурата мора да ја одразува хармонијата на природата. Од друга страна, совршеноста на античкиот витрувијански човек, сега како витрувијански човек 21 или човекот на 21, веќе станала антипод на самата себеси и сега прстот на тој антибог во нас секој миг виси над црвеното копче за сеопшта нуклеарна апокалипса. Во предговорот на мојата двојазична книга „Витрувијански човек 21“, кој го напиша познатата колумбиска писателка Татјана Пароди, стои: „Витрувијанскиот човек 21“ не е книга што треба да се чита, туку да се поминува низ неа како низ внатрешна мапа нацртана на кожата и свеста. Поезијата на Борче Панов нè води низ фрагментираните територии на човечкиот идентитет, каде што рамнотежата помеѓу телото, духот и времето се ниша под тежината на современите метаморфози. Почнувајќи со симболичната фигура на витрувијанецот на Леонардо – симбол на хармонија, мера и ренесансно совршенство – авторот предлага длабоко модерна рефракција. Човекот од 21 век, кого Панов го става во центарот на својот поетски дискурс, е фрагментирано, дигитално, разочарано битие, но, сепак, водено од несводливата потрага по значење, вертикалност и убавина. Секоја песна на тој начин станува чин на отпор и на светлина. Со визионерска сликовитост и духовни, филозофски и уметнички референции, Панов гради поетска мисла, која е, исто така, иницијациско патување, и лично и колективно. Ова издание, верно и чувствително преведено, го зачувува оригиналниот дух на делото, одржувајќи ги ритамот и евокативната моќ на гласот на авторот. Стиховите, преведени со внимание на тонот и на имагинативната структура, ја задржуваат таа суптилна тензија помеѓу зборот и тишината, присуството и отсуството, што ја карактеризира целата збирка. Читателот така влегува во симболичен и жив круг, составен од прашања, епифании, прагови и откритија. Круг што не се затвора, туку се отвора кон нови прашања, нови резонанции, нови визии, бидејќи, можеби, токму ова е витрувијанскиот човек на 21 век: веќе не е совршен, туку длабоко човечки.

Дали работите во моментот и на други книжевни проекти?

– Да… веќе неколку години работам на неколку мои книги од кои ниту една не беше прифатена на конкурсите распишувани од Министерството за култура. Во овој контекст ќе го споменам само последниот мој поетски ракопис, кој носи наслов „Пантеонот на апокалипсата“, што е директна реакција на злото и лудата разузданост на моќните и модерни демони на војните, но и на драстичниот пад на демократијата и човековите слободи, една состојба во која денес човекот, како никогаш досега, е чипирано битие, но оваа книга е истовремено и силен патоказ кон надежта и човекувањето.

Ни откривте дека работите и на проект поврзан со творештвото на поетот Ацо Караманов. За што поточно се работи?

– Ацо Караманов во своите дневнички записи неколку пати нагласува дека сака да стане светски писател. Дури во еден дел од записите тој си поставил една серија задачи што треба секојдневно да ги завршува со намера целосно да биде подготвен за да ја постигне својата цел. Во таа смисла, се надевам дека за следните „Караманови средби“ ќе се објави книга со избор од поезијата на Ацо Караманов на англиски јазик. Оваа книга ќе биде еден вид делумно остварување на целите на Ацо Караманов да биде видлив во светот и неговото генијално творештво да ѝ се подари на светската културна ризница, поради што сум особено среќен, бидејќи и јас сум дел од тој проект.

Каков е, според Вас, статусот на македонскиот писател денес? Сметате ли дека секој респектабилен писател го добива заслуженото внимание од страна на надлежните институции, издавачите, па и читателите?

– На ова прашање можам да одговорам само од агол на моето искуство, кое, за жал, е поразувачко од аспект заслуженото внимание од страна на надлежните институции на државно ниво. Како доказ за ова е дека јас четири години не сум добил никаква поддршка по распишаните конкурси од Министерството за култура и туризам и просто не можам да се изначудам каков е тој принцип за поддршка на книги што се од национален интерес, ако во континуитет не им се дава поддршка на авторите од светски глас што објавиле завидно поетско дело со триесетина наслови и со 15 книги објавени на повеќе јазици во светот, каков што е случајот и со мене. А уште попоразително е што сум добил и десетина исклучително важни книжевни награди во Европа и во светот. Од друга страна, јас сум член на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година, дури во два мандати бев и член на Претседателството на ДПМ, а денес, веќе неколку години, не сум вклучен во ниту еден настан, читање или каков било книжевен проект што го организира Управниот одбор на ДПМ, на чело со неговиот актуелен претседател. Едноставно речено, ние, еден добар дел респектабилни писатели, ставени сме на маргините од она што значи работа на ДПМ и речиси и да не се чувствуваме дека сме членови на ова друштво, во кое јас сум член речиси триесет години. Исто и во поглед на книжевните награди и признанија во Македонија, се добива впечаток дека писателите од мојот ранг се анатемисани за добивање награди и јас веќе не конкурирам на конкурсите за најдобри книги кај нас. Со еден збор, кога ќе погледне човек зад себе, за жал, согледува дека е отфрлен од сопствената држава и култура. Сепак, јас никогаш не сум бил отфрлен од моите читатели и многу ме радува кога ми кажуваат моите издавачи дека сите мои книги се распродадени. Сево ова придонесе во последните десетина години јас речиси целосно да се преориентирам кон меѓународната книжевна јавност. И можам да ви кажам дека од перспектива на светот, ние сме само една ситна капка во океанот на книжевноста и пак ќе речам, не можам да се изначудам какви ли сè не „книжевни“ медиокритети се борат како гладијатори да се напијат милимикронче од таа книжевна капкичка, а само еден мал дел од македонските писатели се преведувани и почитувани во светот. И драго ми е поради овие малкумина. Во контекст на претходно кажаното, ќе споменам само неколку наслови што ми ги превеле и објавиле во светот: „Честички од хематит“ (2016 – на македонски и на бугарски јазик, објавена во Бугарија), „Вдах“ (2017 – на словенечки, објавена во Словенија), „Бричење балон“ (2018 – на српски, објавена во Србија), „Фотостихеза“ 2019 – на бугарски, објавена во Бугарија), „Крв што жонглира со 8000 поетски мисли“ (2021 година, на хрватски, објавена во Хрватска), „Подземно јаболко“ (на арапски јазик, објавена во Обединетите Арапски Емирати, во 2021 година, од издавачката куќа „Равашен“), „Подземно јаболко“ (на англиски јазик, превод на Даниела Андоновска-Трајковска, објавена во Холандија од „Демер прес“, во 2021 година), „Гласови од глуварчето“ (коавтор) (објавена во Индија, во 2021 година), „Скулптура на дишењето“ (2022 г., во Италија, како двојазично издание на италијански и на англиски јазик). Истата 2022 година, во Полска, излезе од печат поетската книга „Ќелавиот град“ на полски и на македонски јазик. Во 2023 г., во Букурешт, Романија, излезе и мојата книга „Линија на утрото“, поезијата ми е објавена во голем број антологии, литературни списанија и списанија дома и во странство, а моите дела се преведени на околу 40 јазици.

Даниела ТРАЈКОВСКА

ИЗДВОЕНИ