Невреме од епски размери вчера тешко ја рани македонската метропола, Скопје, но и градовите Штип, Куманово, Свети Николе и Пробиштип, оставајќи зад себе бројни повредни лица и големи материјални штети. Силниот ветер, кој имаше орканска силина, и обилниот пороен дожд уриваа сè пред себе што не можеше да ги издржи нивните удари. Паѓаа и летаа покриви на згради, се откорнуваа фасади, паѓаа високи и големи стебла насекаде по градовите, се уриваа семафори, бандери со електрични инсталации, сообраќајни конструкции со патокази, јарболи, прокапуваа покриви на стотици објекти. Зад невремето останаа триесетина повредени лица, при што на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ помош побарале 22 пациенти, а на Универзитетската клиника за трауматологија – 11 лица, од кои три се со посериозни скршеници. За среќа, немаше загинати лица.

Од синоќа трае отстранувањето на тешките последици од невремето. Комуналните екипи по градовите ги тргаа паднатите лимени покриви со нивните дрвени конструкции, ги сечеа стеблата и гранките за да ги деблокираат патеките, ги чистеа сообраќајниците… Но, истовремено, се чини дека силината на невремето одново го отвори прашањето за квалитетот на градбите во Скопје и во другите погодени градови. Ова не е првпат да бидат погодени од силни ветришта и дождови и да се случат оштетувања. Меѓутоа, размерите на уривањето одново покажуваат дека македонската метропола, во голем дел, нема градби што ќе издржат вакво невреме, а причина за тоа е неквалитетната градба. Оттаму, во ситуација кога е извесно дека ќе се повторуваат силните временски непогоди, клучно станува прашањето што да се прави за повторно да не ни се случи вакво разорување со поголеми и штети и жртви.
Илјадници оштетувања насекаде
– Беше ужасно, не верував дека е можно вакво невреме. Беше најавено од метеоролозите, но не очекував вакво нешто. Ги гледав тмурните облаци како доаѓаат, како се засилува ветрот, кој прво крена голема прашина, а потоа почна да ги урива стеблата пред нашата кула. Паѓаа повеќедецински дрвја како да ги сече некој, се кршеа гранки, се оштетуваа блиску паркираните автомобили. Прозорците и вратите дома се тресеа, мислев стаклата ќе пукнат. Потоа помина, а јас не верував што се случи – ни рече Зоран Илиевски од скопската општина Аеродром, која беше една од погодените.

Управата за хидрометеоролошки работи објави дека три метеоролошки станици завчера регистрирале орканско/урагански бури со брзина поголема од 118 километри на час.
– Тоа е екстремно силен ветер, кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери. Во Штип, во 17:00 часот, регистриран е оркан со максимален удар на ветрот од 134 км/ч, во Скопската Котлина во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 км/ч, со правец север-северозапад, а ветар со иста јачина е регистриран и на подрачјето на струмичкото Ново Село – објави УХМР.
Во Карпош имаше стотици слични оштетувања. На снимките што ги споделуваа граѓаните на социјални мрежи се гледа како лета таму цел покрив од една висококатница, како се одлепува лимен покрив од новите станбени згради вселени пред некоја година, како паѓаат дрвја на главните сообраќајници, при што има и случаи во кои граѓаните и автомобилите за дел од секундата го избегнуваат ударот. Цели покриви и делови од нив летаа и на подрачјето на Чаир, Центар, Кисела Вода и во други општини. Во близина на кружниот тек кај ТЦ „Ист гејт“, орканот го урна и високиот јарбол на кој беше истакнато државното знаме, падна и цела конструкција со семафорите… Луѓето се засолнуваа каде што можеа во моментот. На некои постојки, граѓаните се прегнуваа меѓусебно за, на таков начин, да не ги собори ветерот, а запираа и градските автобуси полни со патници. Забележен е и пример во кој возачот на автобус на ЈСП, на линијата „65“, решил да ги однесе патниците на сигурно, во гаражата во Автокоманда, а потоа, откако завршило невремето ,продолжил со возењето.
– Во маката навистина се познаваат јунаците. Огромно „браво“ и длабока почит за овој човек. Светот има потреба од повеќе вакви професионалци и луѓе со срце – напиша на социјалните мрежи скопјанка што била во автобусот во тој период.
Тешко беше оштетена и покривната конструкција на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
– Засега најголема штета имаме на покривот и покривната конструкција – изјави директорот Синиша Стојаноски.

Се случија оштетувања и на повеќе државни објекти: комплексот на државните „Вили Водно“, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, спортскиот центар „Борис Трајковски“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство. Големо протекување имаше и во главната зграда на Меѓународниот аеродром Скопје, каде што имаше едно и полчасовен прекин на работата. Ветрот дури го оштети и часовникот на Старата железничка станица, спомен на скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година.
– По невремето, преку единствениот број за итни повици, 112, се примени над 9.000 повици од граѓани. Во Скопје, до 22:00 часот, се евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, 7 семафори, 5 пожари и повеќе повредени лица – соопшти прексиноќа Центарот за управување со кризи.
ЕВН соопшти дека завчера биле паднати неколку стотици бандери, поради што без напон останале 2.308 трафостаници, а вчера без напојување сè уште биле 300 трафостаници.
Без стандарди, ќе има нови уривања
Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека Владата нема да ги остави граѓаните да се снаоѓаат по невремето.
– Владата има механизми за помош, како и при секоја елементарна непогода. Никогаш оваа Влада не ги оставила граѓаните сами да се снаоѓаат. Јас им благодарам на институциите и на градоначалниците што во текот на вечерта и веднаш по епското невреме, кое вчера го зафати Скопје, излегоа на терен и ги санираа заедно со институциите во чија надлежност се штетите – рече тој.

Тешките оштетувања што ги донесе невремето одново го отворија прашањето за квалитетот на градбите во метрополата, но и во другите градови. Особено на начинот на кој се изведуваат покривните конструкции и фасадите во метрополата. Но, и начинот на кој се градат новите објекти и се одржуваат старите, бидејќи е очигледно дека не го издржуваат тестот на силните временски непогоди. Никола Велковски, поранешен главен скопски архитект, вели за весникот ВЕЧЕР дека и завчерашното уништување одново открило бројни пропусти.

– Основно е тоа што при процесот на градење на новите објекти и поправките и реконструкцијата на постарите не се врши потребниот надзор и се даваат употребни дозволи без исполнување на соодветните стандарди. Инвеститорите, во трка по брз профит во градежништвото, ангажираат свои блиски луѓе и фирми како надзорен орган, тој им дава согласност… А, во реалноста ,покривите, фасадите имаат бројни пропусти. Да се почитувале стандардите при изградбата на покривите, тие ќе биле силно прицврстени, со подебел лим и, најважно, немаше да има празнини што овозможуваат навлегување на силен ветер, кој потоа лесно ја крева целата покривна конструкција. Пропустите и оставањето празнини овозможуваат и уривање на фасадите за кои има предвидени стандарди како се прават. Но, за жал, и тоа не се почитува. Ова треба да биде лекција за сите, особено за надлежните органи – потенцира Велковски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

И Горан Марковски, професор на скопскиот Градежен факултет, е на ставот дека треба да се извлече сериозна поука.
– Градежништвото треба сериозно да се сфати и дека импровизациите носат опасности. Очигледно е дека се менува климата и дека ќе има уште вакви невремиња. Потребно е почитување на стандардите. Но, за жал, впечаток е дека кај нас тоа оди во обратна насока – потенцира Марковски во изјава за весникот ВЕЧЕР. (Б.Ѓ.)
Спиридонов: Македонија беше погодена од конвективен систем со суперќелиски карактеристики

Анализата на синоптичката состојба, сателитските и радарските податоци, електричната активност и регистрираната штета укажуваат дека Македонија беше погодена од високо организиран конвективен систем со суперќелиски карактеристики и силно изразен налетен фронт, оценува Владо Спиридонов, редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје и член на државниот Совет за безбедност.
– Фотографиите направени непосредно пред невремето покажуваат облачна формација, која визуелно наликува на структура што често се забележува кај суперќелиски и високо организирани грмежни бури. Најголемата опасност овој пат не беа врнежите или градот, туку екстремно силните праволиниски ветрови (straight-line winds) и моќните downburst процеси. Според мерењата и информациите на УХМР, максималните удари на ветрот во текот на преминувањето на невремето достигнале околу 134 километри на час. Токму овие силни удари на ветрот беа главната причина за големиот број оштетувања – наведува Спиридонов во изјава за весникот ВЕЧЕР.












