среда, јули 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЕУ не се откажува од Македонија, но не попушта за условите –...

ЕУ не се откажува од Македонија, но не попушта за условите – реформите се билетот за Брисел!

53

Европската Унија испраќа охрабрувачки сигнали дека местото на Македонија е во европското семејство, но од Брисел стигнува и јасна порака дека политичките изјави нема да бидат замена за реформите. Напредокот ќе продолжи да се мери според конкретните резултати во владеењето на правото, независноста на институциите и способноста на политичките чинители да постигнат консензус за клучните европски реформи. Евроамбасадорот Михалис Рокас вчера повика за широк политички консензус за реформските закони. Владата тврди дека земјата е меѓу најуспешните во исполнувањето на реформската агенда, додека опозицијата предупредува дека Македонија заостанува во евроинтегративниот процес

 

Европската Унија ја потврдува перспектива на Македонија, но порачува дека реформите и владеењето на правото остануваат единствениот пат до отворање на преговорите. Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, денеска порача дека ЕУ ѝ останува целосно посветена на европската перспектива на земјава и нема никакво сомневање дека се гледа на државата како на идна членка на Унијата, но истакна дека напредокот кон членството во Унијата зависи од спроведувањето на реформите, владеењето на правото и од политичкиот консензус.

Власта и опозицијата, пак, различно ги читаат пораките од Брисел. Премиерот Христијан Мицкоски, кој имал онлајн состанок со директорот на Директоратот за соседство и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, истакна дека македонските власти добиле потврда од Брисел дека сме први во испораката на реформите и рече дека продолжуваат со несмалена динамика, додека лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, обвини дека намерното блокирање на европскиот пат е форма на државен удар.

Во своето обраќање на седницата на Националниот совет за евроинтеграции посветена на клучните аспекти на процесот на европска интеграција, евроамбасадорот Рокас истакна дека процесот на проширување е во полн ек и дека секојдневно се бележат нови позитивни случувања. Според Рокас, одржувањето на меѓувладините конференции со Албанија, Украина, Молдавија и со Црна Гора претставува нов момент во политиката на проширување на ЕУ. Во однос на земјава, евроамбасадорот потенцира три клучни области на кои треба да остане посветена земјата, а една од нив е владеењето на правото, кое, како што рече, ќе остане главниот критериум според кој ќе се оценува напредокот на секоја земја кандидат. Покрај законодавните реформи, неопходно е, рече Рокас, да се обезбеди професионална и ефикасна јавна администрација, како и да се пополнат испразнетите позиции во правосудството.

– Не треба да имате никакво сомневање дека Европската комисија е целосно посветена да ја види вашата земја како полноправна членка на ЕУ. Без двоумење можам да кажам дека земјата покажа дека има капацитет да спроведува реформи. Би сакал да ја поздравам работата што е завршена во Собранието, особено во однос на законите што се донесуваат во овој дом. Секако, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, сметаме дека успешно можеме да ве подготвиме за пристапување кон ЕУ. Предуслов за отворање на преговарачките поглавја е исполнувањето на строгите критериуми, особено во делот на владеењето на правото и нивната целосна имплементација. Тоа се стандардни процедури што важат за сите земји кандидати – истакна евроамбасадорот.

Рокас потенцираше и дека се потребни заедничка политичка волја и многу работа за да се постигнат поставените цели и повика за широк политички консензус во земјава.

– Јас сум речиси две години овде и гледам дека постои простор за дискусии, па и за политички несогласувања за многу прашања. Но, кога станува збор за овие клучни реформи, многу е важно, секако и со наша поддршка, да се постигне широк политички консензус – истакна евроамбасадорот и додаде дека тоа особено се однесува на Изборниот законик и на Кривичниот законик.

Според него, Франција и Германија биле двигатели на иницијативите за забрзување на пристапувањето, со цел кандидатите постапно да добиваат пристап и до внатрешниот пазар.

– Франција и Германија беа двигатели на оваа иницијатива, а целта е заедничка за сите: да се забрза процесот на пристапување, да се исполнат сите неопходни предуслови, но истовремено и земјите кандидати постепено да добијат поголем пристап до внатрешниот пазар на ЕУ. Токму затоа паралелно работиме и на тој процес – рече Рокас.

Први во реформите 

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, истакна дека добил потврда од Брисел дека сме први во испораката на реформите и најави дека продолжуваат со несмалена динамика. Државата продолжува да ги исполнува обврските, рече премиерот и додаде дека со исклучок на Изборниот законик, кој, како што рече, „поради познати причини, во јавноста не е донесен“, другите чекори за реформските законски решенија се исполнети.

– Од оние што беа во „грејс-период“, остана само Изборниот законик, сè друго е завршено. И од оние што се во редовна процедура, најголемиот дел е завршен. Денеска имавме состанок преку онлајн врска со Брисел и со господинот Копман. Разговараме веќе за законите и за реформските чекори, кои се во „грејс-период“ до декември оваа година и кои се во предвидениот рок од декември годинава. Продолжуваме да испорачуваме со несмалена динамика.  Денеска од нивна страна добивме, условно кажано, и одреден комплимент дека сме први од сите земји што започнуваат да се занимаваат со овие чекори, додека другите сè уште немаат таква намера – изјави Мицкоски.

Прашан дали ќе има повторно обиди за донесување на Изборниот законик, повтори дека опозицијата треба да се договори за текст на законикот во кој ќе ја вклучи дијаспората и апелираше за одговорност на лидерите на СДСМ, Левица и на ДУИ.

– Тоа веќе не зависи од нас. Ние рековме нека седнат во опозицијата, нека се договорат, нека ја вклучат дијаспората, нека дојдат, ние бланко ќе го поддржиме тоа што ќе го договорат меѓу себе.  Затоа апелирам за одговорност, зрелост кај претседателите на СДСМ, Левица, Демократската унија за интеграција и кај другите формални или неформални групи во Парламентот да седнат како коалиција, да се договорат и да донесат документ што ние веднаш ќе го прифатиме. Треба зрело да се однесуваат претседателите на политичките партии СДСМ, Левица и ДУИ и да не го блокираат ова, туку да се договорат каков текст на Изборниот законик ним им одговора, ние ќе го прифатиме – изјави Мицкоски.

Намерно блокирање на европскиот пат

Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, пак, оцени дека Македонија нема друга реална алтернатива, освен членството во Европската Унија и предупреди дека земјата заостанува во евроинтегративниот процес. Според него, проширувањето повторно е еден од приоритетите на ЕУ, што се потврдува со конкретните чекори кои ги презема Брисел, а кои постепено го намалуваат скептицизмот кај граѓаните разочарани од долгогодишните застои во евроинтеграциите. Филипче предупреди дека Македонија останува единствената земја кандидат што сè уште нема отворено ниту едно преговарачко поглавје, додека Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина веќе напредуваат во пристапниот процес и, според него, имаат реални шанси да станат следните членки на Унијата и го постави прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар.

– Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар. Кога се знае што треба да се направи, кога не е отворено ниту едно поглавје, а четири земји кандидати за Европската Унија одржаа меѓувладини конференции во еден ден – Албанија и Црна Гора, понатаму Молдавија и Украина, кои видовме како го решија проблемот со Унгарија по смената на власта во Унгарија. Имаше проблем со малцинството, па го надминаа со разговори и со преговори. Да резимирам во овој дел, очигледно е дека немаме алтернатива. Очигледно е дека не одиме напред. Ние сме единствената земја што нема отворено поглавје за преговори, додека овие четири земји кандидати, очигледно, ќе бидат следните земји членки на ЕУ – рече тој.

Лидерот на СДСМ оцени и дека се лоши последните извештаи од страна на Европската комисија, од сите официјални лица што доаѓаат од ЕУ.

– Влијанието на оваа власт врз правосудството, независноста на правосудството, отвореното влијание од страна на највисоките инстанци на власта, слабиот перформанс во борбата со корупцијата, влијанието на „српскиот свет“ и со тоа влијанието на Русија врз овој регион, овде на Балканот, на овој дел од Европа, се нешто што отворено стои во извештаите. Понатаму, контролата на медиумите, притисокот врз новинарите, исто така, се констатирани во извештаите на Европската Унија – рече тој и заклучи дека пристапниот процес кон ЕУ не се темели на политички гаранции, туку на исполнување на критериумите за членство.

Вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, во своето обраќање на седница на Националниот совет за евроинтеграции, потврди дека членството во ЕУ е наш приоритет, поддржан со широк политички консензус и од граѓаните. Во однос на борбата против корупцијата, Сали рече дека се забележани одредени резултати, но дека и понатаму се потребни убедливи резултати, особено во случаите на корупција на високо ниво.

– Граѓаните очекуваат одговорност, одлуки што се целосно во согласност со законите и законот да важи подеднакво за сите – рече тој.

Во услови кога уверуваат европските претставници дека проширувањето повторно е високо на агендата на Унијата, домашната политичка сцена останува поделена околу тоа кој е заслужен за реформскиот напредок, а кој е виновен за застојот. Но, пораката од Брисел важи за сите: членството во ЕУ ќе зависи од исполнувањето на критериумите и од домашниот консензус, а не од политичките декларации.

(В. С. Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ