среда, јули 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА На 24 јуни предупредиле да не се пие водата, а потоа никогаш...

На 24 јуни предупредиле да не се пие водата, а потоа никогаш јавно не соопштиле дали e повторно безбедна

Епидемијата стивнува, се прави план за чистење на водоводот

246

Додека Гостивар четвртти ден живее во кризна состојба, се отвораат нови прашања за настаните што ѝ претходеле на епидемијата. На 24 јуни, од „Комуналец“ ја предупредиле јавноста да не ја користи водата за пиење, но потоа нема јавно известување дека таа е повторно безбедна. ЦЈЗ Гостивар, за цело време додека работеле дивите пумпи, објавувал извештаи дека водата не е загадена. Кој и дали се манипулирало со податоците, ќе истражуваат гостиварското Обвинителство и Министерството за здравство. Во меѓувреме, тројца раководители се во притвор

Веќе четвртти ден, гостиварци живеат во нечовечки услови, со епидемија, поради забраната на водата за пиење од градските чешми. Она што смирува е дека бројот на новозаболени опаѓа, според Министерството за здравство, во болницата и во здравствениот дом се јавиле 190 граѓани со болки во стомакот, повраќање и треска. Откако весникот ВЕЧЕР во својата репортажа објави тажни слики од „борбата“ на сестрите и на болничарите за шишиња вода товарени на колички и болнички кревети, вчера, во кругот на болницата беше поставена цистерна за хигиенски потреби.

„Цистерната ќе биде во функција на пациентите и на болничкиот персонал за хигиенско-техничките потреби, со цел да се обезбедат што подобри услови за непречено функционирање на болницата“, велат од болничката управа. Директорот на болницата, Емри Бајрами, по објавата на ВЕЧЕР дека пациентите сами си носат вода за пиење, вети дека за сите одделенија е обезбедена купечка вода.

Владата, во вторникот, прогласи кризна состојба по процена дека локалната власт не се справува со водната криза и со епидемијата. Од кризниот штаб најавија дека се работи на чистење на системот и првично обезбедување на техничка вода.

„Стручни тимови од Јавното комунално претпријатие во Гостивар и од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје работат на план за повторно ставање на гостиварскиот водовод во употреба. Планот треба да вклучи постојани проверки на квалитетот на водата на повеќе излезни точки, меѓу кои болницата, градинките, верските објекти, јавните чешми и други јавни локации. Водата ќе биде ставена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна, порача министерот за здравство, Сашо Клековски.

Министерството за здравство побарало од Центарот за јавно здравје да ги достави сите мостри земени во текот на годината, заедно со точните датуми и локации од кои биле земени. На 17 јули, ден откако полицијата, Обвинителството и тим од Институтот за јавно здравје го обезбедија местото кај дивите пумпи на „Комуналец“, од Центарот за јавно здравје – Гостивар информираа дека водата била испитувана пет дена претходно и била добра за користење.

„Што се однесува до водата, и поради ситуацијата, покрај редовните, направивме и вонредни анализи. Последните резултати од анализите што ги направивме од понеделникот беа добри, односно физичко-хемиски и микробиолошки беа во ред. Последните три анализи на водата од гостиварскиот водовод, направени изминатиот месец, во одделението за хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје, покажуваат дека таа била здрава и безбедна за употреба, изјави тогаш за МИА д-р Берун Мустафа, специјалист по хигиена од Центарот за јавно здравје –Гостивар.

Од Обвинителството кажаа дека дивите пумпи кои го зголемувале притисокот на градскиот водовод со вода од канал на отпадни води од Вруток, биле наместени и работеле на 24 јуни. Истиот ден, ЈКП „Комуналец“ ја информирало јавноста на својот ФБ-профил дека поради изведување неопходни технички активности со цел подобрување и зголемување на притисокот на водата во водоводната мрежа,  водата не е безбедна за пиење.

„Ги советуваме граѓаните строго да се воздржат од консумирање на водата од чешма до следното известување. По завршувањето на техничките работи, ќе бидат извршени целосни лабораториски анализи за да се потврди статусот на водата. Дополнително соопштение ќе биде објавено откако лабораториските резултати ќе потврдат дека водата ги исполнува сите здравствени и безбедносни стандарди за консумирање. Ви благодариме за вашето разбирање и соработка“, известиле од Комуналец – Гостивар.

По оваа објава, нова, дека водата е безбедна за пиење – нема. На 26 јуни, главната водоводна линија била расипана поради осцилации во притисокот, по што ја поправиле.

Според Обвинителството, десеткратното присуство на бактерии во водата биле од мострите земени на 16 јули кај каналот во Вруток, анализата на две градски чешми покажала енормно зголемено присуство на хлор, па се претпоставува дека се брзало со чистење на загадената вода. Кон ова, поткрепа е набавката на хлор што ја објавува „Комуналец“ неколку дена пред откривање на скандалот со пумпите.

Оттука, можеби и затоа анализите на градските чешми од ЦЈЗ Гостивар не покажале присуство на колиформни бактерии.  Во меѓувреме, главната тројка од раководството на „Комуналец“ е во притвор поради страв од влијание на постапката. Документите од канцеларијата на директорката се земени како докази. Таа, пред да биде приведена, тврдеше дека водата е безбедна за пиење и оти гостиварци најверојатно се затруле од храна.

„Сите за кои ќе имаме сомнеж и ќе обезбедиме доказ, ќе биде опфатен во истрагата за масовното труење од водата за пиење“, изјави тимот на обвинители во Гостивар. (П. А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ