Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска учествуваше на настан посветен на деловниот интегритет како основа за одржлив економски развој, организиран во рамките на проект кофинансиран од Европската Унија и Фондацијата „Конрад Аденауер“.
– Општина Аеродром е горд партнер во оваа иницијатива, со која ја потврдуваме нашата заложба за унапредување на транспарентноста, отчетноста и фер деловните практики. На територијата на нашата општина работат преку 4.000 компании, кои се значаен двигател на локалниот економски развој, создаваат работни места, инвестираат и придонесуваат за подобра иднина – соопштија од локалната самоуправа.
Притоа додаваат дека силната локална економија се гради преку отворен дијалог, меѓусебна доверба и партнерство меѓу институциите и бизнис-заедницата.
– Нашата цел е да создадеме услови во кои компаниите ќе можат да се развиваат, да инвестираат и да бидат конкурентни, во средина заснована на интегритет, еднакви можности и почитување на правилата. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка, Општина Аеродром ја потврди својата подготвеност активно да придонесува кон создавање подобра деловна клима и намалување на корупциските ризици преку заедничка соработка и конкретни решенија – наведуваат општинските власти.












