По повод одбележување шест години од своето постоење, ЈП „Лајка“ утре, во периодот од 12:00 до 15:00 часот, во Мамбо – Авионче, организира роденденски настан под мотото: „Шест години Лајка – Не славиме бројка, славиме промена“.
Од претпријатието информираат дека настанот има за цел да ги истакне резултатите од шестгодишната работа на претпријатието, но и да ја отвори пошироката тема за одговорноста на поединците и заедницата во справувањето со проблемот со бездомните кучиња.
Во рамките на програмата, која официјално започнува во 12:30 часот, ќе бидат реализирани неколку активности: „Десет кучиња. Десет погрешни човечки одлуки“ – претставување на десет кучиња од прифатилиштето, преку чии индивидуални приказни ќе се укаже на последиците од напуштањето, неодговорното сопствеништво и негрижата за животните, ревија на вдомени кучиња – настан на кој вдомените миленици ќе бидат претставени преку нивните животни приказни, наместо според изгледот, расата или потеклото. За учесниците се обезбедени признанија и награди со поддршка од нашите спонзори. Потоа, ќе има и креативна работилница – интерактивни активности во кои децата и нивните миленици ќе имаат можност за заедничко творење и дружење, изложба на детски цртежи – учениците од ООУ „Блаже Конески“ и ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ преку своите цртежи ги претставија кучињата од Лајка, испраќајќи порака за одговорно сопствеништво и ветување дека никогаш нема да ги напуштат своите миленици.
– Преку овие активности сакаме да потсетиме дека проблемот со бездомните кучиња не започнува на улица и не може да се реши единствено во прифатилиште. Долгорочната промена бара одговорно сопствеништво, стерилизација, едукација, вдомување и заедничко дејствување на институциите и граѓаните – нагласуваат од ЈП „Лајка“ .












