петок, октомври 16, 2026
Дома СКОПСКА Градскиот воз и електричните автобуси ќе го намалат загадувањето во Скопје

Градскиот воз и електричните автобуси ќе го намалат загадувањето во Скопје

1

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско гостување истакна дека употребата на градскиот воз и, од следната година, на електричните еколошки автобуси сериозно ќе влијае на намалувањето на загадувањето во Скопје.

Тој кажа дека од 300 до 500 патници дневно го користат градскиот воз на линијата Зелениково – Нова железничка.

– Тоа се од 300 до 500 помалку возила во центарот на градот. Тоа се од 300 до 500 повеќе слободни паркинг-места во центарот на градот и од 300 до 500 возила што помалку загадуваат – потенцира Николоски.  

Планот, според Николоски, е намалување на бројот на возила преку интегрирање на јавниот превоз.

– Густината на сообраќај е речиси 30 отсто, влегува од западниот правец Тетово – Гостивар, 30 отсто влегува од источниот правец, тоа е Велес. Некаде околу 20 отсто влегува од северниот правец, тоа е Куманово и уште 20 отсто влегува од северозападниот правец, тоа е Приштина. Бараме начин како да го намалиме бројот на возила. Јас не велам дека ќе дојдат на нула, но загадувањето ќе се намали – посочи Николоски.    

Притоа, најави дека се работи и на проектирање и на другите две линии од градскиот воз, на воведување на градски воз за Куманово и доколку косовската страна ја реконструира пругата, тој вели дека е извесно и воведување на меѓуградски воз Приштина – Скопје.

Освен тоа, потврди дека првите електрични еколошки автобуси ќе пристигнат во јануари следната година.

– Набавката е успешна и очекуваме да влијаеме со автобусите врз намалувањето на аерозагадувањето во Скопје и во другите општини. Имаше обиди за манипулација за оваа јавна набавка, но споредбите се различни и не соодветствуваат со истиот тип автобуси – истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. 

Тој појасни дека набавката е за 150 автобуси и освен Скопје, автобуси ќе добијат и другите општини што имаат организиран јавен градски превоз.

– Ќе набројам неколку од општините што ќе добијат автобуси: Куманово, Штип, Струмица, Гевгелија, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид, Гостивар, Тетово. Листата ќе биде објавена. Градот Скопје побара 250 автобуси, општините побараа 89, така што ако видите пропорционално, општините надвор од Скопје се и во подобра позиција од градот Скопје, но толку беа можностите на буџетот во моментов – истакна Николоски.

Согласно со динамиката, првите автобуси треба да бидат испорачани за 6 месеци од потпишувањето на договорот.

– Договорот се потпиша на почетокот од септември, но имаме ветување од добитникот на јавната набавка дека веќе во јануари ќе ги видиме првите автобуси во Скопје – рече Николоски. 

 (А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ