петок, октомври 16, 2026
Дома СВЕТ Трамп го нападна Зеленски поради прекинот на енергетското примирје: „Тоа е срамота“

Трамп го нападна Зеленски поради прекинот на енергетското примирје: „Тоа е срамота“

0
EPA/SHAWN THEW

Доналд Трамп ги нарече обновените напади на Украина врз руските рафинерии за нафта „срамота“, притоа повторувајќи ги критиките кон Володимир Зеленски, откако пропадна енергетскиот прекин на огнот меѓу Русија и Украина.

Украина ги продолжи нападите врз руските рафинерии за нафта откако Зеленски изјави дека Киев се откажува од прекинот на огнот – кој минатата недела ненадејно го прогласи Трамп, а за кој ниту Русија ниту Украина не потврдија дека се согласиле.

Во интервју за медиумската куќа „Њузмекс“, емитувано во четвртокот, американскиот претседател изјави: „Сè што прави тој е да ја зголемува светската цена на нафтата. Па, мислам дека тоа е срамота“.

„Постојат многу цели што можат да се погодат, но кога пукате врз рафинерии за дизел – каде што се произведува, знаете, дизел гориво, кое ни е потребно нам, а му е потребно и на светот – тогаш тој не му прави услуга на светот“.

Односите меѓу Киев и Вашингтон се влошија минатата недела, откако Трамп ги олесни санкциите кон Русија во замена за тоа Москва да пушти големи количества дизел на светските пазари.

Зеленски го критикуваше договорот – кој во јавноста беше протолкуван како обид за ограничување на високите цени на горивата пред американските избори на средината на мандатот – велејќи дека тоа ќе ѝ овозможи на Русија да продолжи со својата целосна инвазија врз Украина.

Во разговор за „Њузмакс“, Трамп повторно ги изнесе своите ставови за двајцата лидери вклучени во конфликтот. „Не сум голем љубител на Зеленски“, рече Трамп. „Мислам дека всушност и двајцата би сакале војната да заврши, но сметам дека е потешко да се соработува со Зеленски отколку со Путин.“

Пристигнувајќи во петокот во Брисел на средба со лидерите на ЕУ, Зеленски не ги коментираше најновите изјави на Трамп. Тој изјави дека е „многу благодарен за огромната поддршка од ЕУ“ и од нејзините лидери, кои ги опиша како „вистински лидери“.

Тој додаде дека Украина сака војната да заврши што е можно поскоро, но „во моментов не гледаме сигнали од руска страна дека се подготвени за тоа“.

Односите меѓу Киев и Вашингтон дополнително се затегнаа оваа недела, откако Украина соопшти дека услугите на „Старлинк“ биле ограничени – потег што, со едноставно притискање на прекинувач, практично ги оневозможи украинските мисии со беспилотни летала, како и клучните системи за противвоздушна одбрана.

За време на посетата на Лондон оваа недела, украинскиот претседател изјави дека поради ненадејното ограничување на „Старлинк“ се чувствува лично предаден од Трамп, изразувајќи жалење за загубата на еден партнер.

Британскиот министер за одбрана, Вес Стритинг, во четвртокот изјави дека неговиот американски колега, Пит Хегсет, во разговор „лице в лице“ го уверил оти виталниот сателитски комуникациски систем е повторно ставен во функција. Во интервју за Би-Би-Си, тој наведе дека не е јасно што го предизвикало прекинот, но додаде: „Ова не е првпат да гледаме раздор меѓу Вашингтон и Киев“.

Во услови на растечки сомнежи околу долгорочната посветеност на САД кон Украина, европските лидери ја изразија својата поддршка за Зеленски.

ИЗДВОЕНИ