Инфлацијата во првиот квартал од годинава забави на 3,7 % наспроти 4,2 % кога се движеше во претходниот квартал, објави Народната банка, а тоа, главно, се должи на намалувањето на базичните притисоци, кои се свеле на 3,3 %.
– Остварувањата се малку повисоки од очекуваните, а повисоките увозни цени и ревидираните проекции за енергенсите и храната создаваат нагорни ризици за идната инфлациска динамика. Дополнителен притисок доаѓа од променливите глобални услови и зголемената нестабилност на пазарите – велат од Народната банка.
На крајот од март 2026 година, девизните резерви изнесуваа 5.249,4 милиони евра, што претставува зголемување во однос на крајот на 2025 година, главно, како резултат на задолжувањето на државата на меѓународните пазари. Народната банка нагласува дека од почетокот на годината активно интервенира на девизниот пазар за да ја одржи стабилноста и за да одговори на зголемената побарувачка за девизна ликвидност. И покрај зголемените надворешни ризици, девизните резерви се оценуваат како стабилни и во сигурна зона, поддржани од приливите на приватни средства и државното задолжување.
Економската активност во четвртиот квартал од 2025 година бележи раст од 3,8 %, но најновите податоци за почетокот на 2026 година упатуваат на умерено забавување на динамиката. Ризиците за раст остануваат претежно надолни и се поврзани со надворешното окружување, додека на домашен план значаен фактор ќе биде реализацијата на инфраструктурните проекти. Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите во март 2026 година продолжуваат да растат, при што се бележат зајакнување на депозитната база и солидна кредитна активност над очекувањата.
Поради тоа, Народната банка ја задржа основната каматна стапка на нивото од 4 %, но истовремено предупреди дека ризиците за идно монетарно затегнување се зголемуваат во услови на засилена глобална неизвесност и нестабилни движења на меѓународните пазари.
Од централната банка како клучен надворешен ризик и натаму го потенцираат продолжениот конфликт на Блискиот Исток, кој веќе предизвикува нарушувања во снабдувањето со нафта и задржување на високите цени на енергенсите на светските пазари. Од Народната банка предупредуваат дека неизвесноста околу времетраењето и интензитетот на конфликтот, како и можните секундарни ефекти, може дополнително да влијае врз инфлацијата и девизниот пазар. Во такви услови, доколку инфлацијата остане повисока и започне да ги засилува инфлациските очекувања, а побарувачката за девизи продолжи да расте, централната банка не ја исклучува можноста за зголемување на каматната стапка.












