Комбинацијата од економски раст, рекордна вработеност и државни интервенции во цените на горивата, според премиерот Христијан Мицкоски, го амортизира влијанието од глобалните енергетски и инфлациски притисоци. Во вакви услови, Владата, како што посочува Мицкоски, продолжува со мерки за зачувување на ценовната стабилност и заштита на стандардот на граѓаните

 

Економските политики на Владата даваат мерливи резултати, што се гледа преку забрзаниот реален раст на БДП, значителното зголемување на вработеноста, постепеното смирување на инфлациските притисоци и континуираните државни интервенции насочени кон одржување на ценовната стабилност. Овие процеси се одвиваат заедно со активните мерки што се спроведуваат веќе трет месец за заштита на стандардот на граѓаните, во делот на цените на горивата и на основните прехранбени производи. Ова е генералната оцена на премиерот Христијан Мицкоски за економските движења во земјава, во последниот период.

Тој нагласува дека во последната една година се креирани повеќе од 15.000 нови работни места, при што стапката на невработеност е сведена на историски најниски нивоа, што, според него, претставува сигнал дека има структурни подобрувања на пазарот на трудот, а дека ова се случува во услови на засилена инвестициска активност и поддршката на државата кон домашната економија со пакетот на поволни кредити пласирани преку деловните банки.

– Во последната една година се креирани повеќе од 15.000 нови работни места. Сегашната состојба е околу 710 илјади вработени и нешто под 90 илјади невработени, кои се пријавени. Ако во тие под 90 илјади невработени имаме, да речеме, околу 30 илјади земјоделци. Невработените се водат како работоспособно население од 15 до 65, тоа се две генерации 15 и 16 години, средношколци, а средното образование е задолжително, ќе дојдеме до бројка од приближно не повеќе од 35-40 илјади невработени, што претставува некаде под 5 % од работоспособното население. И ова е историски најниско ниво од кога било, откога постои независна Македонија – нагласи Мицкоски.

Премиерот истакнува дека шест квартали по ред економијата расте со 3,5 %, што, според него, укажува на континуитет и стабилност во движењето на БДП. Тој наведува дека номиналниот бруто домашен производ за 2026 година, според Меѓународниот монетарен фонд, ќе биде околу 22 милијарди долари, што, според него, претставува значително зголемување на економската база во споредба со претходни периоди. Споредувајќи со еврозоната, каде што е растот под 1 %, Мицкоски ја толкува разликата како резултат на засилената домашна инвестициска активност и реализацијата на државните проекти.

– Тоа е разликата и тоа е емпирија, тоа се работи што се споредуваат. Ние не можеме сега да споредуваме работи што не се споредуваат. И тоа е резултат на оваа инвестициска активност од страна на Владата, не само поддршката кон стопанството преку субвенционираните кредити, каде што каматната стапка е под 2 %, 1,95 %, туку и преку 1.200 проекти што се случија само во последните две години и се за заедницата, преку локалната самоуправа. И тука Владата не избираше дали се тоа градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ или од владината коалиција, во сите општини, под еднаков критериум се инвестира – нагласи Мицкоски.

Паралелно со растот, Мицкоски посочи дека економијата се соочува и со надворешни ризици, особено преку енергетските пазари и геополитичките тензии.

– Во тој контекст, Владата веќе трет месец спроведува мерки за амортизација на ценовните шокови – појаснува Мицкоски и објаснува дека имаме намалени акцизи, намалено ДДВ за безоловните бензини, со што, како што вели, се постигнало да имаме најевтини горива во регионот.

Овие мерки, иако го намалуваат буџетскиот прилив, Мицкоски вели дека се оправдани како механизам за заштита на стандардот на граѓаните.

– Имаме намалени акцизи, намалено ДДВ за безоловните бензини, тоа го чини прилично доста буџетот во овие шеесетина дена. Но, тоа е што е. Резултатот од сето тоа е најевтини горива во регионот. И тоа што го правиме ние е да се обидеме, со сите мерки што ни стојат на располагање, да го заштитиме стандардот на граѓаните – рече Мицкоски.

Во однос на инфлацијата, премиерот посочува дека Владата се обидува да одржи контролирана динамика, особено кај основните прехранбени производи. Мицкоски не очекува месечната инфлација за основните прехранбени продукти во април да биде поголема од еден процент во однос на март.

– Инфлациските движења во Европа се повисоки, при што во некои земји од регионот инфлацијата надминува пет-шест проценти, што ја става домашната економија во релативно поумерена позиција – потенцира Мицкоски.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ