Владата успешно се справува со кризата бидејќи инфлацијата е двојно пониска во однос на периодот на претходната влада, оцени премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека вообичаено е во овој период да започне процедурата за ребаланс на Буџетот.
– Вообичаено е во јуни да почнат процедурите за ребаланс на Буџетот и во јули да се донесе. Така беше и во 2024 и 2025 година, а до крајот на годината ќе имаме уште една конечна распределба на средствата за Буџетот во ноември. Ова е вообичаена процедура која трае, изјави Мицкоски.
Прашан за проекциите за инфлацијата, Мицкоски посочи дека треба да се споредуваат споредливи работи и дека „сега има двојно помала инфлација од таа во времето на минатата влада“, како што нагласи, „дури и во вакви предизвикувачки услови“.
– Инфлацијата се зголемува секаде во светот, но она што е важно кај нас е дека ако ја споредуваме денешната состојба со 2022 година, во истиот период кога се случуваа кризите во март, април и мај, ќе забележите дека тогаш беше двапати поголема од сега. Тоа е успехот на справување со кризата и кризен менаџмент. Доколку сега беше двапати поголема оттогаш, ќе речевме дека оваа Влада е неуспешна. Мораме да споредуваме споредливи работи. Ако ги споредиме март, април и мај 2022 година со март, април и мај 2026 година, притоа земајќи предвид дека според експертите оваа енергетска криза е поголема од онаа во 2022 година, па дури и од двете енергетски кризи од 70-тите години на минатиот век заедно, сепак, како Влада, успеваме да имаме двојно помала инфлација оттогаш. Според ММФ, не според Владата, мерките што ги спроведе оваа Влада се трети во Европа според уделот во БДП. Тогаш бевме на дното, сега сме во првите три, и тоа е емпириска разлика, изјави Мицкоски.












