понеделник, јуни 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Отсега, плаќања во евра од и кон Србија во рамките на СЕПА

Отсега, плаќања во евра од и кон Србија во рамките на СЕПА

24

Со приклучувањето на Србија во Единствената област за плаќањa во евра – СЕПА, отсега е овозможено плаќања од и кон Србија во евра во рамки на СЕПА, соопшти Народна банка.

Тоа, во практиката, значи побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра со Србија, значително пониски надоместоци во споредба со традиционалните канали за плаќање и поедноставни процедури за плаќања и приливи.

– Србија е еден од нашите најзначајни трговски партнери и се наоѓа меѓу петте најголеми партнери во надворешната трговија на земјата, што дополнително ја зголемува важноста на оваа интеграција. Оваа новина е особено значајна и за бројната дијаспора, како и за долгогодишните економски, семејни и традиционални врски меѓу двете земји, овозможувајќи поевтини и побрзи трансфери кон и од Србија – велат од Народната банка.

Македонија се приклучи кон СЕПА-системот лани во октомври, а Србија се приклучи кон системот на 6 мај годинава.

Во плаќањето со Србија во почетната фаза ќе биде достапен само СЕПА кредит трансфер, додека услугите како инстант трансфери и директни задолжувања се очекува да почнат во текот на следната година, кога српските банки технички ќе се подготват.

ИЗДВОЕНИ