петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИН МЕМОРИАМ Си замина Гоце Контевски – долгогодишен новинар во весникот ВЕЧЕР...

ИН МЕМОРИАМ Си замина Гоце Контевски – долгогодишен новинар во весникот ВЕЧЕР и еден од бардовите на македонското новинарство

554

Со длабока тага и почит, се простуваме од Гоце Контевски (77), долгогодишен новинар и еден од бардовите на македонското новинарство.

Конте, како што го викавме ние, неговите колеги, сиот свој професионален век му го посвети на весникот ВЕЧЕР, каде што ги помина сите скалила во новинарската кариера – приправник, помлад соработник, уредник, а подоцна беше и заменик на главниот уредник и в. д. главен уредник. Притоа остави неизбришлива трага со својата посветеност, интегритет и во својата љубов кон вистината. Во текот на својата долгогодишната кариера, тој посебно се ангажираше на бројни проекти со кои се унапредуваа содржините во весникот преку уредувањето на специјални прилози од областа на спортот и на масовните комуникации.

Освен ова, имаше и значаен придонес во реализацијата на новинарскиот проект „ВЕЧЕР ЕВРОПА“, кој почна да се реализира како дел од тридеценискиот јубилеј на весникот во 1993 година.

Благодарение и на неговиот посебен ангажман во Франкфурт, Германија, почна да се печати и издава специјално седмично издание, кое беше наменето за нашите сонародници во дијаспората и кое се дистрибуираше во повеќе од десетина европски земји.

Гоце Контески беше повеќе од новинар – беше чувар на јавниот интерес, пример за професионализам и човек со длабоко чувство за одговорност кон општеството. Со својата работа го облагороди медиумскиот простор и постави стандарди кои ќе останат како водилка за идните генерации. Во својата професионална кариера ги помина сите новинарски скалила, а долги години извршуваше високи раководни функции.

Заминува човек, но останува дело. Остануваат зборовите што ги напиша, вистините што ги бранеше и спомените што ќе ги чуваме.

 

Почивај во мир, Гоце.

Нека ти е вечна светлината.

ИЗДВОЕНИ