И покрај мерките на германската влада за спречување на порастот на цените на горивата, некои деривати како што е дизелот достигнаа историски рекордни цени во четврток пред велигденските празници.
Просечната цена на литар дизел на бензинските пумпи во Германија се искачи на рекордни 2,32 евра во четврток, а на некои дури и на три евра, објави Германскиот автомобилски клуб (ADAC). А, цената на суперот со 2,19 евра е исто така највисока досега.
Со ова е надминат рекордот од март 2022 година, кога цените скокнаа поради војната во Украина.
Рекордниот скок на цените се случи само еден ден по стапувањето во сила на мерките против неконтролираното зголемување на цените на нафтените производи. Од 1 април, бензинските пумпи може да ги зголемат цените само еднаш дневно, напладне.
ADAC го критикуваше зголемувањето на цените со оглед на тоа што во првата половина од неделата цената на суровата нафта падна.
„Стравувањата дека нафтените компании, сега кога им е дозволено да ги зголемат цените само еднаш дневно, ќе го сторат тоа драстично за да се обезбедат“, објави ADAC.
Најновото зголемување на цените го зголеми притисокот врз германската влада, која беше критикувана за слабиот одговор на нафтениот шок.
Моментално се дискутира можноста за воведување дополнителни даночни олеснувања за патување со автомобил, како и намалување на даноците на енергетските производи, како што е случајот во некои други земји од ЕУ.
Полска пред неколку дена објави дека ќе „следи“ и ако биде потребно ќе реагира на феноменот на бензинските пумпи во пограничната област со Германија, каде што во последните денови имаше недостиг поради масовниот прилив на германски возачи во Полска, каде што горивото е многу поевтино.












