четврток, октомври 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА МАЛОЛЕТНИК ИЗЛЕГОЛ ОД „ПУЛС“ ПОРАДИ ПОЛИЦИСКА КОНТРОЛА, А ПОЖАРОТ ГО ЗАТЕКНАЛ ПРЕД...

МАЛОЛЕТНИК ИЗЛЕГОЛ ОД „ПУЛС“ ПОРАДИ ПОЛИЦИСКА КОНТРОЛА, А ПОЖАРОТ ГО ЗАТЕКНАЛ ПРЕД ВЛЕЗОТ

СВЕДОЦИ НА ОДБРАНАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЛС“

0

Малолетник ја напуштил дискотеката „Пулс“ непосредно пред избувнувањето на пожарот, откако дознал дека надвор има полициска контрола. На денешното судење против 13 полициски службеници, предложен сведок на одбраната раскажа дека полицаец ги легитимирал него и неговите другари, а додека биле пред влезот слушнале повик дека објектот гори.

– Дојде келнерот и ни кажа дека надвор имало полиција – сведочеше младиот човек, објаснувајќи дека поради тоа решиле да излезат бидејќи биле малолетни.

Пред влезот ги запрел полициски службеник кој им ги земал личните податоци. Сведокот го посочи обвинетиот Марјан Радевски како полицаецот што ги легитимирал.

– Некој од внатре викна дека се запалило и полицаецот ни кажа да бегаме од местото – изјави сведокот.

На прашањето дали би останале во дискотеката ако немало полициска контрола, тој одговори потврдно. Подоцна слушнале повици да се ослободи простор за евакуација, по што повикале такси и заминале.

Друг сведок, кој во „Пулс“ пристигнал околу два часот по полноќ, сведочеше дека се наоѓал во близина на влезот кога го забележал пожарот. Излегол од објектот, но кратко потоа се случила експлозија која го отфрлила по скалите.

– По кратко се случи експлозија и јас бев отфрлен долу на скалите на земја – рече тој.

Откако станал, почнал да ги бара другарите и го забележал Радевски во полициска униформа. Пред влезот имало повредени лица на земја, а полицајците се обидувале да го расчистат пристапот.

– Го прашав дали ги виде другарите мои, а тој ми рече: „Потргни се, не прави гужва тука или помагај“ – сведочеше младиот човек.

Тој рече дека му помогнал на Радевски да се тргнат неколку повредени лица од скалите.

– Марјан бараше да го расчистиме влезот кај скалите – изјави сведокот, додавајќи дека присутните полициски службеници помагале.

Меѓу неговите пријатели имало и тешко повреден млад човек, кој подоцна се лекувал во Шпанија. Откако ги пронашле сите од друштвото, со сопствено возило го пренеле повредениот во Штип.

Третиот сведок зборуваше за инструкциите што ги добивале од полицајците во врска со транспортот на преживеаните.

На судењето реагираше и родител на една од жртвите, кој посочи дека Судот треба да ги оцени и видео-снимките од трагедијата објавени во медиумите. Според него, клучно е да се утврди дали настанот воопшто требало да биде дозволен во објект што работел незаконски, зошто не бил спречен и дали навреме било реагирано на употребата на пиротехнички средства.

Тој направи разлика меѓу помошта по пожарот и обврската опасноста да биде спречена пред да се случи трагедијата.

– Спасувањето е реакција кога опасноста веќе настапила. Спречувањето е навремено постапување пред да бидат загрозени човечки животи – порача родителот.

Судењето против 13 полициски службеници се однесува на нивното наводно непостапување согласно обврските и акцискиот план поврзан со работата на дискотеката „Пулс“. Според обвинението, полицајците не ја прекинале забавата и не спречиле употреба на пиротехнички средства.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ