Airbnb ги промени своите политики за да го ограничи она што сопствениците на имоти можат да го бараат од гостите, вклучително и барањата поврзани со чистењето. Ажурираните насоки наведуваат дека домаќините сега можат да постават седум стандардни „куќни правила“, но исто така можат да додадат и други „разумни“ барања, пренесува BBC.
Од Airbnb напоменуваат дека од гостите – кои се обврзани да платат надомест за чистење – не треба да се бара да извршуваат задачи што вообичаено ги врши персоналот за чистење, како што се миење садови или вадење на постелнината од креветите.
Новите правила ќе важат за сите резервации направени на или по 20 ноември преку платформата за изнајмување.
„Куќните правила им помагаат на гостите да разберат што очекуваат домаќините од нив, но добивме повратни информации од нашата заедница дека овие правила можат да бидат збунувачки, оптоварувачки и тешки за следење“, изјавија од Airbnb за BBC.
„Затоа ги ревидиравме за да бидат полесни за наоѓање и појасно дефинирани, со нова политика која осигурува дека барањата се разумни и дека нема да има непријатни изненадувања“, додадоа од компанијата.
Според новите услови објавени на веб-страницата на Airbnb, на домаќините генерално не им е дозволено да бараат од гостите да извршуваат задачи што „бараат значителен напор или време, или кои инаку би ги вршел персоналот за чистење – како што се вадење на постелнината, изнесување на ѓубрето од имотот, или миење и оставање на садовите на место“.
Од компанијата наведоа дека во одредени околности може да има исклучоци. На пример, од гостите може да се побара да го ограничат времето за туширање доколку се воведени локални ограничувања за потрошувачка на вода поради суша.
Правилата специфични за одреден имот во иднина ќе бидат повидливо истакнати за гостите, а ќе се појавуваат и во потсетниците поврзани со нивните резервации.
Користењето посебни, приватни договори ќе биде дозволено само во ограничени случаи – на пример, кога тоа го бара законот или правилата на здружението на сопственици на станови. Иако домаќините нема да можат да изрекуваат парични казни, тие ќе ја задржат контролата врз куќниот ред и барањата што самите ги поставуваат, наведоа од компанијата.
Доколку барањето на некој домаќин не е во согласност со политиките на Airbnb, тој ќе биде известен за тоа, при што ќе има право на жалба доколку не се согласува со таквата оценка.
Со години, гостите се жалат на неразумни обврски што се очекува да ги исполнат пред да го напуштат сместувањето – особено со оглед на тоа што од нив се бара да платат и надомест за чистење. Видеата на TikTok од домаќините на Airbnb, Кејси и Џон – во кои се гледа како тие детално го проверуваат својот имот за изнајмување во американската сојузна држава Џорџија откако гостите ќе заминат – неодамна станаа вирални, токму поради нивното екстремно внимание кон деталите.
Во едно од видеата на пример, двојката ги обвинува гостите за „непочитување на куќниот ред“ само затоа што го оставиле далечинскиот управувач за телевизор на погрешно место.
Кејси и Џон се соочија со критики поради нивните строги правила и високи стандарди, но одговорија дека нивната содржина била погрешно протолкувана.
Нивните видеа инспирираа и други креатори на содржини да создадат пародии во кои се прикажани претерано строги домаќини.












