Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, денеска изјави дека пукањето во францускиот департман Ивелин – во кое едно лице загина, а неколкумина беа повредени – претставува „терористичко дело“.
Триесет и деветгодишен маж отворил оган од автомобил врз неколку лица во Ивелин, во западниот дел на парискиот регион, по што бил уапсен во градот Кониер, соопштија француските власти, а пренесе телевизијата БФМ (BFM TV).
Според француското Национално обвинителство за борба против тероризмот (PNAT), осомничениот, 39-годишниот Кевин Т., не бил заведен во т.н. „S-досие“ (Fiche S) – база на податоци за поединци кои се сметаат за потенцијална закана по националната безбедност – иако ѝ бил познат на полицијата поради претходни кривични дела.











