Кибер напад најверојатно предизвикал повремени прекини на интернетот во Северна Кореја, што довело до нарушување на работата на неколку официјални веб-страници на земјата оваа недела, се наведува во анализата на американската компанија за следење на мрежи, „Кентик“ (Kentik).
Интернет-мрежата на Северна Кореја била изложена на повеќе бранови сообраќај што доаѓал од земји како Виетнам и Филипините. Ова се совпаднало со период од 32 часа – кој започнал на 20 октомври – за време на кој неколку севернокорејски веб-страници се соочиле со прекини во функционирањето, изјави денеска за Ројтерс Даг Мадори, директор за анализа на интернет во „Кентик“.
„Целиот овој сообраќај започна во исто време и доаѓа од Виетнам и Венецуела. Дефинитивно станува збор за напад осмислен да ја преоптовари мрежата со огромен број барања“, рече тој.
Податоците на „Кентик“ покажуваат дека наглите скокови во интернет-сообраќајот започнале околу 11:00 часот по локално време на 20 октомври. Сепак, податоците не го откриваат сторителот, а компанијата анализирала само дел од интернет-сообраќајот насочен кон Северна Кореја, напомена Мадори.
Според јужнокорејските медиуми, прекините зафатиле повеќе од 40 официјални веб-страници што го користат доменот „.kp“, вклучувајќи ги оние на Министерството за надворешни работи и државната новинска агенција КЦНА (KCNA). Јужнокорејските медиуми, повикувајќи се на експерти за безбедност, исто така сугерираа дека прекините можеби биле предизвикани од нестабилно снабдување со електрична енергија во Северна Кореја. Овие нарушувања не се поврзани со глобалните проблеми со интернетот што се појавија подоцна во текот на неделата, по откривањето на ранливост во програмскиот јазик PHP.
Интернет-мрежата на Северна Кореја, која е под строга државна контрола, била парализирана и во минатото. Кон крајот на 2014 година, по контроверзиите околу една комедија на „Сони пикчрс“ (Sony Pictures) во која е прикажан фиктивен атентат врз севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Северна Кореја остана без интернет-врска во траење од неколку часа.












