Денеска го одбележуваме 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.
Кулминација на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија.
Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.
На денешен ден се потсетуваме на храброста, пожртвуваноста и непокорот на македонските револуционери, кои со својата визија и борба ги поставија темелите на стремежот за слобода, автономија и достоинство.
Нека ни бидат вечен потсетник нивната храброст, идеалите и љубовта кон татковината. Да го чуваме историското наследство, да го негуваме македонскиот идентитет и со единство, одговорност и верба да градиме подобра иднина за генерациите што доаѓаат.
Нека е честит и вековит 23 Октомври!












