четврток, јуни 4, 2026
Дома БАЛКАН Силна бура ја опустоши Грција: Последиците се ужасни, а крајот не се...

Силна бура ја опустоши Грција: Последиците се ужасни, а крајот не се гледа/ВИДЕО

2112
EPA/YANNIS KOLESIDIS

Во силното невреме што ја погоди Грција во среда и четврток загина едно лице, а бурата предизвика голема материјална штета, со сериозни прекини во сообраќајот и секојдневниот живот во неколку делови од земјата.

Бурата, наречена Ерминио, донесе обилни врнежи од дожд, поплави, град и силни ветрови, додека сахарска прашина го покри југот на земјата, дополнително комплицирајќи ги веќе тешките временски услови.

Според Би-Би-Си, во градот Неа Макри, во близина на Атина, пронајдено е тело на маж кој бил однесен од надојдената вода и заробен под автомобил. Порталот „Прототема“ објавува дека мажот бил во педесеттите години, по потекло од Полска, кој се обидел да го напушти својот поплавен дом по полноќ.

Улицата по која одел била целосно потопена, а нивото на водата достигнало околу еден метар, претворајќи го патот во буица. Според „Прототема“, тој се обидел да се држи за оградата, но не успеал, и бил однесен од водата и заглавен под возилото. Пожарникарите го извлекле во несвест, но не успеале да го спасат.

Регионот Атика, вклучувајќи ја Атина и нејзината околина, претрпе најголемо влијание од бурата. Пожарникарите добиле дури 674 повици за интервенција од среда до четврток наутро, главно поради паднати дрвја и поплавени објекти.

Ситуацијата беше особено тешка во источниот дел на Атика и северните предградија, каде што улиците наликуваа на реки, а бројни автомобили беа заглавени во водата. На некои места, дрвјата паднаа врз возила и далноводи. Поради опасноста, беа воведени итни сообраќајни мерки, вклучително и затворање на одредени патишта и пренасочување на возилата.

Бурата предизвика проблеми и на островите. Порталот Zougla објави дека се урнал мост на островот Порос, додека пороите однесоа автомобили и оштетија голем дел од инфраструктурата. Проблеми беа пријавени и на други острови, како што се Хидра и Сикинос, каде што бурното море навлезе во крајбрежните области. Прототема истакнува дека се регистрирани штети на патишта, куќи, возила и јавна инфраструктура.

@koralia_jo Νομίζω είναι μια καλή επένδυση ενα σκάφος🚤 #κορυδαλλός #athens #korydallos #προφητειες ♬ original sound – 🌙 Andreas Pervenas

Во исто време со бурата, јужна Грција беше погодена од бран сахарска прашина, создавајќи речиси надреални сцени. Според извештајот на Ројтерс, небото над Крит и Кикладите доби интензивна портокалова нијанса, додека силните ветрови, достигнувајќи и до 9 степени според Бофортовата скала, донесоа песок од Северна Африка. Слабата видливост, исто така, предизвика проблеми за воздушниот сообраќај, особено на Крит.

Властите беа принудени да воведат итни мерки поради опасните временски услови. Според порталот Zougla, училиштата беа затворени во неколку области, вклучувајќи делови од Атика, Крит, Кикладите и Додеканезите, а наставата се одржуваше од далечина секаде каде што беше можно. Во исто време, силните ветрови ги закотвија фериботите во пристаништата, додека некои линии беа суспендирани или ограничени, наведе Би-Би-Си.

Грчката национална метеоролошка служба предупреди, според Би-Би-Си, дека лошото време ќе продолжи и денеска, со продолжени и интензивни врнежи од дожд, можни бури со град и континуирани поплави. За Крит е издадено црвено предупредување, особено за западните и јужните делови на островот.

ИЗДВОЕНИ